Се урна авион во близина на Карипскиот брег на Хондурас вчера вечерта, неколку минути по полетувањето од островот Роатан, при што седум лица загинале, додека десет биле извлечени од остатоците живи, соопштиле властите.
Авионот Jetstream на авио-компанијата Lanhsa превезувал 14 патници и три члена на екипажот, изјавил министерот за транспорт на земјата, додавајќи дека остатоците биле пронајдени на еден километар од брегот на островот.
Според записот за летот, кој го објавиле локалните медиуми, меѓу патниците биле државјанин на САД, државјанин на Франција и двајца малолетници. Авионот требал да лета до аеродромот Ла Сеиба на копното на Хондурас.
Командантот на пожарната служба на Роатан, Франклин Борхас, го потврдил бројот на загинатите.
Според пожарната служба, меѓу загинатите е и познатиот hondурашки музичар Аурелио Мартинез Суазо.
Драматичната снимка која ја објави националната полиција на социјалните мрежи прикажува полицајци и други спасувачи како пренесуваат преживеани на карпеста обала, некои на носилки, додека блискиот брод ја осветлува областa.
Причината за падот не беше веднаш јасна, а авио-компанијата не одговори на барањето за коментар.
Борхас за Ројтерс изјавил дека преживеаните биле пренесени во блиската болница, а исто така потврдил дека несреќата се случила кратко по полетувањето на авион од островот.
Роатан, најголемиот од Заливските острови во близина на брегот на Хондурас, е популарна туристичка дестинација позната по своите живописни корални гребени.
Борхас истакнал дека неповолните услови ги отежниле акцијата за потрага и спасување.
“Пристапот до местото на несреќата е тежок бидејќи има 30 метри карпи и не можете да стигнете таму ни пеш, ни пливајќи. Рониците кои учествуваат во спасувањето немаат никаква видливост”, рекол тој.