Германската влада усвојува нова национална стратегија за вработување во туризмот, со која се најавуваат значајни измени во правилата за работното време. Клучната новина е воведување неделен, наместо дневен максимален број работни часови, што практично го менува досегашното правило за осумчасовен работен ден.
Според стратегијата, целта е да се овозможи поголема флексибилност, особено во секторите што зависат од сезонска работа, работа за време на викенди и ноќни смени, како што се туризмот и угостителството.
Повеќе флексибилност за родителите и работниците
Според пишувањето на германскиот весник Bild, новиот закон ќе им овозможи на вработените, особено на родителите, да работат подолго во одредени денови, а потоа да користат слободни денови кога тоа најмногу им одговара.
Овој модел, според германските власти, треба да придонесе за подобра рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот живот, без намалување на продуктивноста.
Иако стратегијата првенствено е насочена кон туристичкиот сектор, планираниот нов „Закон за работно време“ би можел во иднина да се примени и во други стопански гранки.
Даночни олеснувања за прекувремена работа
Кристоф Плош (ЦДУ), координатор на Сојузната влада за туризам, изјави за Bild дека одлуката за флексибилизација на работното време ќе биде донесена „подоцна оваа година“.
„Од оваа мерка нема да имаат корист само компаниите, туку и милиони вработени во Германија“, истакна Плош.
Според стратешкиот документ, прекувремената работа ќе стане поатрактивна и од финансиски аспект. Германската влада планира ослободување од данок за бонуси за прекувремена работа и даночни олеснувања за еднократни бонуси наменети за зголемување на работното време кај вработени со скратено работно време.
Аналитичарите оценуваат дека новиот пристап може да донесе поголема флексибилност и задоволство кај работниците, но и подобра приспособливост на компаниите кон потребите на пазарот. Сепак, дел од синдикатите предупредуваат дека ќе биде потребен строг надзор за да се спречат злоупотреби и прекумерно оптоварување на вработените.
