Се трага по лице со македонски пасош по трагичниот пожар во Швајцарија

Институциите се во постојан контакт со швајцарските власти, се чека официјална потврда за идентитетите на жртвите и повредените

Сè уште нема нови информации за судбината на едно лице со македонско државјанство кое се води како исчезнато по катастрофалниот пожар што го зафати ски-центарот Кран-Монтана во Швајцарија, потврди денеска владината портпаролка Марија Митева.

Како што информираше Митева на денешната прес-конференција, македонските институции се во постојан контакт со надлежните органи во Швајцарија и внимателно ја следат состојбата.

„Последните информации кои ги добивме од надлежните институции се дека има една личност со македонско државјанство меѓу исчезнатите. Во контакт сме со швајцарските власти и полицијата и очекуваме повеќе детали, по што јавноста ќе биде навремено информирана“, изјави Митева.

Таа додаде дека процесот на идентификација на жртвите и повредените е во тек и дека поради сериозноста на пожарот и обемот на трагедијата, швајцарските истражни органи сè уште не излегле со конечни и официјално потврдени податоци.

Институциите во Македонија, како што беше посочено, се подготвени да обезбедат целосна поддршка за семејствата и да постапат согласно сите дипломатски и консуларни процедури, веднаш штом бидат добиени потврдени информации од швајцарска страна.

Катастрофалниот пожар во Кран-Монтана, кој се случи во текот на ноќта, резултираше со голем број жртви и повредени, а истрагата за причините и последиците од трагедијата сè уште е во тек.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни