Сè што знаеме за потврдената меѓуѕвездена комета што минува низ нашиот Сончев систем

На 1 јули 2025 година, астрономите кои работат со телескопот ATLAS (Asteroid Terrestrial-impact Last Alert System) во Рио Уртaдо, Чиле, открија блед објект што се движи со неверојатна брзина и се покажа како нешто што досега не било забележано.

Објектот, официјално наречен 3I/ATLAS (C/2025 N1), претставува само трет потврден меѓуѕвезден објект досега набљудуван, по ’Оумуамуа во 2017 и 2I/Борисов во 2019 година.

Според податоците на НАСА, 3I/ATLAS е потврден како комета, а не како астероид, благодарение на деталните опсервации што покажале јасни знаци на активност, со замрзнато јадро опкружено со сјајна кома составена од гас и прав. Овој феномен го потврдува нејзиниот состав од замрзнати соединенија, карактеристични за кометите.

Она што ја прави извонредна е нејзиното потекло. Брзината и патеката покажуваат дека таа не е гравитациски поврзана со Сонцето, што значи дека потекнува од друг ѕвезден систем и случајно влегла во нашиот.

Според пресметките на астрономите, 3I/ATLAS патува низ вселената со повеќе од 200 илјади километри на час, односно околу 61 километар во секунда, а нејзината брзина сè повеќе расте како што ѝ се приближува на Сонцето. Кометата се движи по хиперболична орбита, што значи дека е премногу брза за Сонцето да ја „зароби“ и ќе го напушти Сончевиот систем откако ќе го премине неговото внатрешно подрачје.

Најблиску до Земјата ќе биде на околу 270 милиони километри, а според НАСА, ќе помине помеѓу орбитите на Марс и Земјата пред да продолжи кон надворешноста на системот.

Иако повеќето научници се согласуваат дека станува збор за природен објект, некои, меѓу кои и познатиот теоретски астрофизичар од Харвард, професорот Ави Леб, сметаат дека треба да се разгледаат и поегзотични можности. Леб, кој го води проектот „Галилео“ за проучување на можни знаци на вонземска технологија, во неколку свои трудови постави прашања дали 3I/ATLAS може да претставува вештачки објект, создаден од друга цивилизација.

Тој дури шпекулираше дека светлината што ја емитува можеби не доаѓа од одраз на сончевите зраци, туку од сопствен извор на енергија. „Доколку се покаже дека навистина е технолошки артефакт, последиците би можеле да бидат длабоки и потенцијално опасни за човештвото“, напиша Леб, но подоцна призна дека најверојатното објаснување е дека објектот е природна комета.

„Таа изгледа како комета, се однесува како комета и во секој поглед личи на кометите што ги познаваме“, изјави Том Статлер, главен научник на НАСА за мали тела во Сончевиот систем.

3I/ATLAS ќе го достигне своето најблиско приближување до Сонцето околу 30 октомври, на оддалеченост од приближно 130 милиони милји, малку внатре од орбитата на Марс. НАСА очекува дека ќе стане повторно видлива преку копнени телескопи во декември, кога ќе се појави повторно од зад Сонцето.

Оваа ретка меѓуѕвездена посета им нуди на научниците исклучителна можност да го проучат материјалот што потекнува надвор од нашиот космички соседство и можеби да добијат нови сознанија за потеклото и природата на меѓуѕвездените патници.

Извор: Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни