Сè што треба да знаете за Форт Нокс, тврдината во која војската го чува американското злато

Според податоците, во складиштето денес се наоѓа околу 5.000 тони злато. Тоа е половина од резервите на американскиот трезор, а остатокот се чува во други безбедни објекти низ земјата.

Додека децениски старото прашање за легендарниот Форт Нокс се враќа на насловните страници, американскиот претседател Доналд Трамп и самиот е во потрага по одговори.

„Всушност, одиме во Форт Нокс за да провериме дали златото е таму, бидејќи можеби некој го украл златото. Тоа се тони злато“, изјави Трамп за Гласот на Америка.

Неговиот повик за ревизија наиде на голем одек, а јавни личности како шефот на Агенцијата за ефикасност на владата (DOJ) Илон Маск и републиканскиот сенатор Ренд Пол од Кентаки се вклучија во дискусијата во последните недели.

„Кој ќе потврди дека златото не е украдено од Форт Нокс?“, напиша Маск на 17-ти февруари на Х. „Можеби е таму, можеби не е. Тоа злато е во сопственост на американската јавност! Сакаме да знаеме дали е уште таму.“

Обвинувањето не е ново. Сепак, и покрај уверувањата на секретарот за финансии, Скот Бесент, за присуството на златото и годишните ревизии, сомневањата остануваат, што води до континуирани шпекулации за состојбата на златните резерви во Форт Нокс.

Што е Форт Нокс?

Форт Нокс е складиште за златни полуги во САД, кое е ултра-безбеден трезор во воен објект од Првата светска војна и се наоѓа 56 километри јужно од најголемиот град во Кентаки, Луисвил.

Наречен по Хенри Нокс, првиот американски секретар за војска, Камп Нокс бил основан во 1918 година пред да стане постојана воена база. Во 1930-те години бил преименуван во Форт Нокс.

Складиштето било изградено 1936 година за владините златни резерви кои го поддржувале американскиот долар. Во 1937 година, Форт Нокс ја примил првата поратка злато преку американската пошта, а до 1941 година, тука се чувале неверојатни 184.000 тони злато – четири пати повеќе од денешниот фонд. Но, Форт Нокс не чувал само злато. За време на Втората светска војна, тука се чувале документи на САД – Декларацијата за независност, Уставот и Повелбата за правата, како и вредни предмети на други влади, како што е копијата на Магна Карта, англиската повелба за слободи од 13-тиот век.

Колку злато има денес?

Според податоците, во складиштето денес се наоѓа околу 5.000 тони злато. Тоа е половина од резервите на американскиот трезор, а остатокот се чува во други безбедни објекти низ земјата.

Стандардната златна полуга што се чува во Форт Нокс тежи околу 12,4 килограми. Книговодствената вредност на златото била утврдена во 1970-те години на 42,22 долари по унца (една унца = 28,3 грама). Вредноста на овие златни резерви изнесува 428 милијарди долари.

Што се знае за безбедноста на полугите?

Легендарната безбедност на Форт Нокс ја инспирирала фраза „безбедно како Форт Нокс“. Изградена од 453 кубни метри гранит, 3.200 кубни метри бетон, 750 тони арматурен челик и 670 тони конструкциски челик, зградата на складиштето е голема тврдина.

Внатре постои двоспратен свод со челични ѕидови дебели 53 сантиметри, засилени со бетон. Вратата на трезорот – отпорна на експлозии, бушење и палење – тежи повеќе од 20 тони и за да се отвори потребни се 14 обрти.

Никој не ја знае процедурата за отворање, напишал поранешниот директор , Филип Дил, во написот за CoinWeek од 2023 година. Трезорот го чуваат полицијата за пари и голем број војници во Форт Нокс, а објектот е скоро непробоен. Огради и миниски полиња претставуваат дополнителни слоеви заштита, вели Дил.

Дали посетителите влегувале таму?

Ова складиште е објект со строга политика „без посетители и без изклучоци“. Дури и на поранешните претседатели им било забрането да го посетат.

Но, во 1974 година бил направен исклучок и трезорите биле отворени за група новинари и членови на Конгресот. Историската посета, снимена со камера и подоцна емитувана на телевизија, била направена како одговор на гласините дека големи количини злато мистериозно исчезнале.

Четири децении подоцна, поранешниот министер за финансии, Стив Мнуцин, предводел делегација на политичари од Кентаки да погледнат во трезорите во 2017 година. „Среќен сум што златото е на безбедно!“, напишал Мнуцин на социјалните мрежи по посетата.

Пред овие ретки посети, претседателот Френклин Рузвелт бил единствениот човек однадвор кој влегол во трезорите. Сега расте притисокот за нова јавна ревизија.

Конзервативниот радио водител, Глен Бек, неодамна му напишал на Трамп, барајќи да доведе снимачка екипа во Форт Нокс „да документира и потврди постоењето на американските златни резерви“.

Иако малку кој сомнева во присуството на златото, некои стручњаци од индустријата веруваат дека отворањето на вратите на трезорот за јавноста може да го заврши контроверзното прашање.

„Целосна, независна ревизија – потенцијално и верификација во живо – ќе ги расчисти сомневањата и ќе ја зајакне довербата во американските финансиски институции“, се наведува во уреднички коментар на сајтот Mining.com.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни