Сè што треба да содржи патната аптека: Водич за здрав и безгрижен одмор

Се приближува сезоната на одмори — време за патувања, престој во природа и заслужен одмор. Но, додека трае еуфоријата околу пакувањето, важно е да не се заборави еден клучен детаљ: патната аптека.

Покрај редовната терапија (ако ја користите), содржината на патната аптека треба да се прилагоди на дестинацијата и начинот на патување. Најдобро е да се посоветувате со фармацевт за видот и количината на потребни лекови, како и за нивното правилно чување. Во лето, патната аптека најчесто содржи:

🟠 Лекови против мачнина, дијареа и алергии
🟠 Препарати за рехидратација и пробиотици
🟠 Лекови за температура и болка
🟠 Заштитна дермокозметика и репеленти
🟠 Средства за дезинфекција
🟠 Средства за сончање

Важно е да се напомене дека некои лекови што се достапни без рецепт кај нас, можеби ќе бидат недостапни или ќе бараат рецепт во други земји. Затоа е најдобро да ги носите со себе, особено ако сте склони кон инфекции – посоветувајте се со матичен лекар за дополнителни лекови.

Лекови против мачнина и повраќање
Се препорачува земање половина час пред патување и повторно дозирање при подолги патувања. Ако дојде до повраќање, задолжително понесете препарати за рехидратација (во прав, шумливи таблети со гликоза и електролити) – погодни и за деца и за возрасни.

Лекови против дијареа и пробиотици
Покрај течности, корисни се активен јаглен, пробиотици (може и превентивно), како и специфични лекови што го скратуваат времетраењето на симптомите. Побарајте пробиотици со култури како Lactobacillus и Saccharomyces boulardii, кои помагаат и за цревна и уринарна заштита.

Лекови против температура и болка
Носете ги лековите што досега ви биле најделотворни. Температура над 38,5°C се симнува со ибупрофен (особено кај деца ако парацетамол не делува). Понесете и лекови за симптоми на настинка (течење нос, болка во грло), како и термометар.

Антихистаминици
Корисни при осипи, алергиски реакции, убоди од инсекти и изгореници. Внимавајте некои масти да не се нанесуваат веднаш пред изложување на сонце (можат да остават флеки). За деца користете растителни масти.

Заштитни креми со фактор
Штитат од UVA, UVB и IR зрачење. Нанесете ги 1 час пред излегување на сонце, повторно по капење или потење. Избегнувајте сонце од 10 до 16 часот. Дозирање:

  • по половина кафена лажичка за лице и раце
  • по една за нозе, гради, стомак и грб

Средства за дезинфекција и прва помош
Понесете фластери, газа, 3% хидроген, повидон јод. За инфекции на уво: физиолошки раствор, спреј на база на маслиново масло, капки со хидроген – за да избегнете т.н. „пливачко уво“.

За жени
Жените се поосетливи на интимни инфекции – понесете купки или лосиони со млечна киселина за одржување на флората.

Чување на лекови
Лековите можат да го изгубат дејството при високи температури. Чувајте ги на суво, темно и ладно место, далеку од топлина и влага. За лекови што мора да се чуваат на ниски температури (инсулин, хормони), користете патнички фрижидер или термо торба. Инсулинска пумпа треба да биде заштитена со термо гел (ладен, но не смрзнат).

Со добро подготвена патна аптека, одморот може да почне – здраво, безбедно и без стрес!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни