„Сè што ни е заедничко (ИНСТИТУЦИЈА КОЈА ДИШЕ)“ – изложба за политиката на дишењето во институциите

Изложбата „Сè што ни е заедничко (ИНСТИТУЦИЈА КОЈА ДИШЕ)“ во Музејот на современата уметност – Скопје ги истражува „борбеното дишење“ и политиката на воздухот низ дела на Форензичка Архитектура, Денис Фереира да Силва, Џумана Мана и други уметници. Отворање на 27 ноември 2025.

Музејот на современата уметност – Скопје на 27 ноември во 20:00 ќе биде домаќин на изложбата „Сè што ни е заедничко (ИНСТИТУЦИЈА КОЈА ДИШЕ)“, кураторски потпишана од Мира Гаќина и Јованка Попова. Во проектот учествуваат уметници како Форензичка Архитектура, Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман, Дурмиш Ќазим, Џумана Мана, Зорица Зафировска и Палестински музеј.

Изложбата ги истражува теоретските и политичките основи на „борбеното дишење“ како критичен метод за дејствување и читање на воздухот како политички медиум во институционалната сфера. Како што нагласуваат кураторките, дишењето на ист воздух не значи дека дишеме подеднакво – многумина остануваат без здив, особено маргинализираните групи, во системи на колонијален, империјалистички или капиталистички угнетувања.

Проектот прикажува како уметничките практики интервенираат, визуелизираат и демонтираат овие атмосфери:

  • Форензичка Архитектура документира „токсични облаци“ од воени и индустриски операции.
  • Џумана Мана го прикажува воздухот како продолжение на територијата – колонизиран и надгледуван.
  • Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман ја истражуваат историјата на колонијалната екстракција и невидливиот воздух како траума низ простори и тела.
  • Проектот Gaza Remains the Story на Палестинскиот музеј сведочи за постојаното задушување на територијата.
  • Дурмиш Ќазим открива задушениот воздух во институционалните изложби и архиви каде ромските тела и дела се невидливи.
  • Зорица Зафировска ја отвора локалната тема на загадениот воздух во Скопје, прикажувајќи дишењето како секојдневен политички чин.

Проектот има за цел да го разоткрие насилството што често се игнорира во културните простори и да покаже како преку уметнички практики може да се размислува за создавање простор каде маргинализираните можат повторно да дишат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни