Во последните години, климатските промени сè поочигледно се одразуваат врз здравјето на населението. Сè почестo се зборува за топлинскиот бран и неговите последици, загаден воздух и ширење на болести кои порано беа ретки во Европа, укажуваат на потребата од итна интервенција. Медицински установи низ континентот бележат пораст на случаи со кардиоваскуларни, респираторни и бубрежни заболувања, а влијанието врз менталното здравје станува сè позагрижувачко.
Високите температури не само што го нарушуваат сонот и ја зголемуваат анксиозноста, туку се и директен ризик за лицата со психолошки нарушувања. Работниците на отворено, постарите лица, децата, трудниците и лицата со попреченост се меѓу најранливите категории. Истовремено, здравствените работници се соочуваат со зголемен притисок, исцрпеност и ризик од прегорување.
Податоците покажуваат дека во само две години, над 100.000 смртни случаи поврзани со екстремна жештина се регистрирани во повеќе европски земји. Дополнително, загадувањето од фосилни горива предизвикува стотици илјади предвремени смртни случаи годишно. Намалувањето на емисиите и зголемувањето на зелените површини во градовите би можеле значително да го ублажат овој тренд — според некои проценки, смртноста поврзана со топлината би можела да се намали до 40 проценти.
Група водечки експерти за клима и здравје најавуваат нов сет препораки кои ќе бидат објавени во наредните месеци поврзани со справувањето со топлинскиот бран низ Европа. Тие повикуваат на решителни и координирани мерки, нагласувајќи дека здравствените системи мора да бидат подобро подготвени за климатските предизвици. Според нив, борбата против климатските промени не е само еколошка обврска, туку и прашање на заштита на човечки животи.