Се раѓа коалиција на новиот и стариот канцелар на Германија

До вчера лутите противници Олаф Шолц и Фридрих Мерц, ќе формираат нова влада

Кандидатот за канцелар на CDU/CSU, Фридрих Мерц, вчера најави дека сака влада со Социјалдемократската партија на Германија (SPD) и дека преговорите почнуваат овие денови.
До вчера лутите противници Олаф Шолц и Фридрих Мерц, ќе формираат нова влада. Откако беа пребројани гласовите од германските вонредни парламентарни избори, демохристијаните (CDU) и нивната сестринска партија од Баварија CSU можат здивнат бидејќи ќе имаат можност да формираат влада со само еден коалиционен партнер.

На тој начин, во Германија ќе се врати двопартискиот модел на управување кој доминираше во овој век.

Кандидатот за канцелар од CDU/CSU, Фридрих Мерц, најави дека сака влада со Социјалдемократската партија на Германија (SPD) и дека преговорите ќе започнат овие денови. Таканаречената голема коалиција, ќе има потребна мнозинска поддршка, иако само со 13 пратеници повеќе од минималниот број. Но формирањето на власт и само со SPD нема да биде толку едноставно. По кампањата која беше прилично остра и обележана со конфликти меѓу Фридрих Мерц и довчерашниот канцелар Олаф Шолц, потребно е да се изгради неопходната доверба и да се најде компромис. Долгогодишниот потпретседател на SPD, Ралф Штегнер, во текот на кампањата изјави за „Политика” дека за нив не е опција да се согласат на сè што Мерц ќе бара, додека Мерц ги обвинува социјалдемократите дека нивната политика „јавно ја понижува Германија”.

Обврски за воена и морална поддршка на Зеленски

Еден од поголемите предизвици сигурно ќе биде и инсистирањето на CDU за построги мерки против нерегуларната имиграција. Мерц тврди дека нема да прави компромиси во однос на постојаната контрола на германските граници и одбивање на барањата за азил, а SPD застапува став дека тоа е во спротивност со германското и европското право. Сепак, во врска со економските предизвици на опаѓачката „локомотива на Европа” и дилемата за попуштање на контролата на долговите, која е поставена во Уставот и речиси го спречува буџетскиот дефицит, има позитивни поместувања.

Според пишувањето на британскиот „Економист”, на Германија ќе и требаат стотици милијарди евра за обновување на инфраструктурата и за зајакнување на одбраната. Само за исполнување на целта на НАТО, издвојувањето два отсто од БДП за војската, Берлин ќе треба да најде дополнителни 30 милијарди евра годишно од 2028 година, кога ќе истече специјалниот фонд за одбрана. Се чини дека предложените буџетски реформи на Мерц не можат да ги покријат овие потреби, па тој сигнализираше готовност да разгледа ублажување на контролата на долговите, иако ова долго време беше „црвена линија” за CDU.

Иако CDU/CSU победи, ова е нивниот втор најлош резултат во историјата, додека SPD постигна најлош резултат досега. Во некои други околности, таков резултат би предизвикал месеци на политичко преиспитување пред да започнат коалициските преговори. Но Мерц веднаш по објавувањето на победата истакна дека светот нема да чека на долги преговори и најави нова влада најдоцна до Велигден.

Мерц исто така на изборната вечер шпекулираше за можноста за зајакнување на европските одбранбени капацитети кои можат да го заменат НАТО, истакнувајќи дека неговиот апсолутен приоритет е што побрзо да ја зајакне Европа за да стане независна од САД. Ако германските демохристијани бидат единствени, со Урсула фон дер Лајен на чело на Европската комисија и новиот канцелар што ќе ја води најголемата европска економија, зајакнувањето на европската одбрана изгледа како реална цел. Сепак, за останатите прашања, „Политико” во Брисел проценува дека ќе има ривалство меѓу Мерц и Лајен. Нивните односи дополнително се оптеретени со претходните конфликти внатре во CDU. Додека Ангела Меркел за Урсула фон дер Лајен беше „мајка”, за Мерц таа беше „маќеа”.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни