Народното собрание на Република Српска вчера вечер го усвои нацрт-уставот на ентитетот и Законот за заштита на уставниот поредок на Република Српска. За нацрт-уставот гласале 50 пратеници, додека осум биле против. На предлог на претседателот на Народното собрание, Ненад Стевандиќ, усвоен е и заклучок за прифаќање на барањето за арбитражно решавање на спорот. Истовремено, одлучено е нацрт-уставот на Република Српска да се стави на јавна расправа во траење од 30 дена.
Во нацрт-уставот се наведува дека овој ентитет има право на самоопределување и дека може да се здружи во сложени државни заедници федерална или конфедерална организација со соседни и други држави или групи на држави.
Според овој предлог, како што изјави главната секретарка на претседателот на Република Српска, Јелена Пајиќ Баштинац, со кој ефикасно се штити уставниот поредок, се предвидува основање на специјално обвинителство и специјален суд на Република Српска.
Од Канцеларијата на високот претставник во БиХ пристигна реакција на одлуките на Народното собрание на Република Српска.
„Усвојувањето на Законот за заштита на уставниот поредок на Република Српска претставува директен и смислен напад на правниот поредок на Босна и Херцеговина. Со еднострано воспоставување на паралелни правосудни институции под директна контрола на Народното собрание на Република Српска, флагрантно се занемарува надмоќта на државното законодавство и се настојува да се спроведат закони кои привремено се ставени надвор од сила со привремени мерки на Уставниот суд на Босна и Херцеговина.
Ова не само што покажува очигледно непочитување на одлуките на Уставниот суд од страна на властите на Република Српска, туку и претставува сериозно кршење на Дејтонскиот мировен договор и уставните рамки на Босна и Херцеговина, што отвора нови случаи на кривична одговорност за оние што ги спроведуваат овие акции“, се соопштува од ОХР.