Се промовираше книгата „Траума и театар: Горан Стефановски“ од Мишел Павловски

Во Културно-информативниот центар – Скопје се одржува промоцијата на книгата „Траума и театар: Горан Стефановски“ од Мишел Павловски. Книгата ја промовираат Емил Ниами и авторот Мишел Павловски.

Мишел Павловски е редовен професор по културолошки студии на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Неговото поле на истражување вклучува културолошки студии, студии за медиумите и студии за театарот.

Раководител и главен истражувач е во проектот „Македонската литературна дата база“. Главен и одговорен уредник е на меѓународното научно списание „Спектар“ (2010-2012). Еден од основачите и член е на Редакцијата на меѓународното научно списание „Култура/Culture“. Коуредник е на книгата „Креативни економии: Нови знаења за нови иницијативи“ (2014).

Досега ги има објавено следните трудови: „Од првична идеја до држава“ (заедно со Јован Павловски, 1993), „Македонија: вчера и денес“ (заедно со Јован Павловски, 1996), „Чиста игра: биомеханиката во режисерскиот систем на В. Е. Мејерхољд“ (1998), „Театарот и митот“ (2005) и „Тесписовите светови“ (2014).

Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Бил член на претседателството на ДПМ и негов секретар за внатрешни активности. Мишел Павловски е добитник на наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за книгата „Македонија: вчера и денес“ (заедно со Јован Павловски, 1997) и колективната награда за наука „Гоце Делчев“ за проектот „Театарот на македонска почва“ (2003).

Книгата „Траума и театар: Горан Стефановски“ на проф. д-р Мишел Павловски се занимава со три исклучително значајни теми: културната траума, идентитетите и со театарот на големиот македонски драмски автор Горан Стефановски.

– Имено, со театарот на Горан Стефановски, бидејќи Мишел Павловски не го анализира и не го обработува само драмскиот текст на Стефановски, туку драмите ги разгледува во нивната севкупност со театарската претстава. Ова е една важна карактеристика на трудот на Павловски: театролошкиот пристап во обработката на темата. Втората значајна карактеристика на ракописот на Мишел Павловски е културолошкиот пристап, кој е присутен низ целиот ракопис и кој му дава белег на ова дело. На тој начин, комбинирајќи ги теоретските и методолошките премиси на културологијата и театрологијата, Мишел Павловски создава оригинално, сериозно и, пред сè и над сè, квалитетно дело кое се базира на цврсти и современи теоретски основи. Натаму, треба да се одбележи уште еден теоретски дискурс кој Павловски го користи: прашањата на траумата и на културната траума, кој во светската теоретска мисла е многу актуелен последниве години – истакнува рецензентот Емил Ниами.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни