Се преврте авион при слетување во Торонто

Авион на „Delta Air Lines“ се превртел при слетување на аеродромот во Торонто – 18 повредени, меѓу нив и дете во критична состојба

Регионален авион на компанијата Delta Air Lines се превртел наопаку при слетувањето на аеродромот Торонто Пирсон во понеделникот, поради силен ветер предизвикан од снежна бура, соопштија официјални лица.

Од 80 патници и членови на екипажот, 18 лица се повредени, од кои три се во критична состојба, вклучително и едно дете, изјави претставник на канадската воздушна итна помош.

Дел од повредените веќе се пуштени од болница
Петнаесет лица биле пренесени во болници веднаш по несреќата. Подоцна истата вечер, Delta соопшти дека некои од повредените се веќе отпуштени од болница, пренесува Reuters.

Детали за несреќата

Авионoт CRJ900, стар 16 години, бил произведен од канадската компанија Bombardier.

Летот DL4819 полетал од меѓународниот аеродром Минеаполис-Сент Пол, а несреќата се случила по 86 минути лет, кога авионот слетал во 14:13 часот по локално време.

Снимките од местото на несреќата покажуваат дека едното крило е откорнато од трупот на авионот. Патникот Џон Нелсон сподели видео на Facebook, каде се гледа како противпожарно возило го гаси авионот превртен на снежната писта.

Нелсон за CNN изјави дека немало никакви знаци на проблем пред слетувањето:
„Допревме до земјата, бевме накривени, а потоа се превртевме наопаку.“

Тој додаде дека успеал да го откопча појасот и да падне на подот, додека некои патници виселе наглавачки и им била потребна помош за да излезат.

Временски услови и истрага

Аеродромот во Торонто во понеделникот се соочил со силни ветрови и ниски температури по снежната бура за време на викендот, која донела над 22 см снег.

Официјални лица изјавија дека во моментот на несреќата дувал променлив страничен ветер со силни удари и снежни наноси, што може да го отежне слетувањето.

Сепак, шефот на противпожарната служба на аеродромот, Тод Ајткен, изјави дека пистата не била заледена и немало силни странични ветрови – тврдење што го оспориле пилоти кои ги анализирале снимките од инцидентот.

Истрагата ќе се фокусира на причините зошто десното крило се откорнало за време на несреќата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни