Се предвидува дека скоро половина од планетата Земја ќе биде во нова климатска зона до 2100 година

На нашата планета и се закануваат неколку пресвртни точки кои кога ќе се надминат, ќе предизвикаат една каскада од еколошки промени. Екстремните топлотни бранови, сушите, поплавите и бурите стануваат се почести и поинтензивни, енергијата затворена во атмосферата на Земјата и во океаните е до точка на вриење како газиран пијалак под притисок, пренесува Sciencealert.

Нова студија која ја симулира иднината на Земјата до 2100 година покажа колку суштински промени во температурите и врнежите ќе се случат на локално ниво и ќе бидат толку екстремни што ќе мора целосно да се прецртаат мапите од 1880-тите години.

„До крајот на векот 38% до 40% од глобалната копнена површина се предвидува да бидат во друга климатска зона отколку денеска“, пишува тимот истражувачи предводен од авторот Пол Дирмејер, климатски научник од Универзитетот „Џорџ Мејсон“ во Вирџинија.

Во зависност од тоа кои климатски модели ги користеле истражувачите за да ги направат проекциите за идните глобални промени, тие проценки може да бидат уште поекстремни, па речиси 50% од копното на Земјата може да се најде во непозната климатска зона. Промените се поочигледни кај последните генерации климатски модели, кои се почувствителни на промени во климата и предвидуваат поголеми стапки на глобално затоплување.

Она што е јасно од проекциите е дека ако не дејствуваме итно и не преземеме мерки за да ја намалиме емисијата на гасови, стапката на глобалното затоплување ќе продолжи да расте како што минуваат децениите. Тоа значи дека понежните животински и растителни видови ќе имаат многу помалку време за да се адаптираат на промените во климатските зони отколк што претходно било предвидено.

Според нивните анализи, тие очекуваат тропската клима да се прошири од 23% на 25% од копното до 2100 година. Поголем дел од копното на Земјата се предвидува дека ќе стане сушно – од 31% сега на 34%. Ваквите промени, како што покажуваат и други студии, може да ги пореметат системите за производство на храна и да ги прошират болестите кои ги пренесуваат комарците на многу пошироки територии.

Најзначајните промени се очекуваат во студените климатски зони во Европа и во Северна Америка. 89% од Европа и скоро 66% од Северна Америка ќе преминат во друга климатска зона до 2100 година. Луѓето кои живеат во други региони како што е Африка се уште ќе чувствуваат климатски промени, но во гранците на нивната постоечка климатска зона и во форма на екстремни горештини.

Најдрастичната промена ќе биде во поларните предели, кои од 1901 до 1930 година покривале околу 8% од копното на Земјата, а веќе се намалени на 6,5%, иако досега има глобално затоплување од помалку од 1,2°C.

извор: agrotim.mk

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни