Според најновиот извештај на консултантската куќа Deloitte, речиси половина од младите (47%) најмногу време минуваат гледајќи кратки видеа и директни преноси на платформи како TikTok и Instagram. Само 24% од нив сѐ уште преферираат серии, а уште помалку (11%) избираат филмови.
Овој тренд не ги заобиколува ни миленијалците – 33% од нив исто така преферираат содржини од социјалните мрежи, 27% гледаат серии, а само 18% филмови.
Инфлуенсерите поважни од алгоритмите
Интересен наод од истражувањето е дека младите не гледаат содржина на Netflix затоа што им ја препорачал алгоритмот, туку затоа што ја виделе кај инфлуенсери на TikTok или Instagram. Препораките од пријатели или инфлуенсери имаат поголемо влијание од системите на самите стриминг платформи.
„Оваа генерација порасна со екрани и содржина создадена од обични луѓе. Тоа однесување најверојатно ќе продолжи“, вели Јана Арбанас од Deloitte.
Социјалните мрежи доминираат и кај рекламите
Платформите како Netflix и Disney+ сѐ повеќе се потпираат на реклами за да ги покријат трошоците за продукција. Но, уште еден алармантен податок за нив – Генерација Z трипати повеќе реагира на реклами на социјалните мрежи (59%) отколку на реклами во рамки на стриминг платформите (18%).
И не се само младите заситени. Сѐ повеќе гледачи од сите возрасни групи чувствуваат дека не добиваат доволно вредност за својата претплата, цените растат, а сѐ потешко наоѓаат содржина што им одговара. Половина од испитаниците велат дека имаат проблем да најдат нешто што би сакале да гледаат.
Што носи иднината?
Со ваквите промени во навиките, растот на цените и слабеењето на влијанието на рекламите, стриминг платформите го губат приматот кај младите гледачи. Можно е Генерација Z во иднина да се врати кон подолг формат и покласични содржини, но дотогаш – изгледа дека иднината на младата публика лежи во вертикални видеа, кратки клипови и бескрајно скролање, а не во двочасовни филмови и скапи серии.
TikTok победува, Netflix губи – и прашање е дали ќе успее да се прилагоди.