Според најновите податоци, минатата година речиси секој трет автомобил имал утврдена некаква техничка неисправност, а бројот на возила со сериозни дефекти е зголемен за 3,2 проценти во однос на претходната година.
Од вкупно 22 милиони автомобили што биле подложени на техничка контрола, дури 144.074 возила имале опасни недостатоци, вклучително и некои кои веднаш биле исклучени од сообраќај. За споредба, само 65,1% од автомобилите поминале без никакви забелешки – што е мал пад во однос на 2023 година.
Автомобилите со значајни дефекти кои морале итно да се отстранат пред повторна проверка изнесувале околу 4,6 милиони, додека на 11.700 возила им било забрането самостојно движење поради безбедносни причини. Помали проблеми се забележани кај околу два милиона автомобили, а 14,4 милиони биле во исправна состојба.
Староста на автомобилите – главен виновник
Главната причина за зголемениот број технички неисправни возила е староста на возниот парк. Германците во последниве години купуваат сè помалку нови автомобили, а просечната возраст на возилата во земјата постојано расте. Новите автомобили имаат далеку подобра техничка состојба – 90% од возилата стари до три години го поминуваат прегледот без забелешки. Но, кај возилата стари од осум до девет години, тој процент паѓа на 71%, а помалку од половина автомобили постари од 10 години поминуваат без утврдени недостатоци.
Најчести проблеми: светла, кочници и гуми
Ако се земат предвид сите типови возила – автомобили, мотори, камиони и приколки – техничките служби во Германија извршиле 31 милион прегледи и откриле повеќе од 25,5 милиони технички недостатоци, во многу случаи по неколку кај едно возило.
Најчестите проблеми се поврзани со осветлувањето и електричниот систем (6,6 милиони случаи), кочниците (4,6 милиони случаи), а потоа следат осовините, тркалата, гумите и амортизацијата, со околу 4,3 милиони забелешки.
Експертите предупредуваат дека овој тренд може да продолжи, бидејќи високите цени на новите автомобили и одржувањето на старите возила го одложуваат нивното заменување, што долгорочно може да се одрази на безбедноста во сообраќајот.
Извор: N1info.rs
