Бројот на изведени претстави во професионалните театри во текот на 2023/2024 година забележа раст од 11,5 отсто во споредба со претходната сезона, 2022/2023 година, додека бројот на посетителите се зголеми за 3,1 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Посебен успех остварија професионалните театри за деца и млади, каде што бројот на изведени претстави се зголеми за 14,8 проценти, а иако минимално, и бројот на посетителите забележа пораст од 0,6 отсто.
Но, додека професионалните сцени ги радуваат бројките, аматерските театри се соочуваат со драматичен пад – бројот на изведени претстави е намален за дури 36,5 отсто, а бројот на посетителите се преполови, со намалување од 46,7 отсто.
Кога станува збор за музичката сцена, Филхармонијата продолжува да ги полни салите, бележејќи зголемен број посетители. Спротивно на тоа, професионалниот ансамбл за народни игри и песни во 2023/2024 година забележа пад и во бројот на концерти и во посетеноста, што отвора прашања за интересот на публиката кон традиционалните форми.
Овие податоци сугерираат дека македонската публика сè повеќе се насочува кон професионалните сцени, но алармираат за потребата од поддршка на алтернативните уметнички форми за да се спречи дополнително празнење на аматерските театри.