Search

Се отвори мултимедијалниот проект „И потоа врнеше во длабоката фантазија“ во Чифте амам во рамки на „Скопско лето“

Од вчерашното отворање на мултимедијалниот проект „Poi piovve dentro a l’alta fantasia“ или „И потоа врнеше во длабоката фантазија“ во Чифте амам.

На наша среќа, пред да настапи вистинскиот дожд, на публиката го претставивме „дождот во длабоката фантазија“ на мултимедијалниот уметнички дијалог, компилација од уметници – космополити кои потекнуваат и живеат во една глобална  мрежа преплетена низ разни меридијани и географски широчини.

На самиот почеток, г-динот Никола Глигоров ја поздрави публиката со особено задоволство најавувајќи го настанот како дел од Програмата во одбележувањето на 45 годишниот јубилеј на манифестацијата „Скопско лето“.

Директорката Старова Ќерими најнапред се заблагодари на Рафет Јонузи, чија брилијантна идеја и иницијатива, во заедничка координација со кураторот Ана Франговска, ни ја донесе оваа интригантна и слоевита изложба. Изложбата создаде платформа каде уметноста ги надминува границите, поканувајќи нè во светот на висока фантазија и длабока имагинација. Честа да ги претставиме делата од талентираната и разновидна група уметници, секој со својата единствена перспектива и глас, е на наше особено задоволство.

Оваа изложба немаше да биде возможна без напорната работа и посветеноста на многу поединци. Својата срдечна благодарност до уметниците, кураторот и тимот на Националната галерија, сите спонзори и помагатели како Австриската амбасада, Гете институтот, Кунстхале Австрија, Австриското министерство за култура и спорт, „Скопско лето“ и до сите останати кои придонесоа за реализација на оваа изложба, ја изрази Старова Ќерими.

Нашиот голем пријател и љубител на уметноста, амбасадорот на Австрија во Северна Македонија, Н.Е. г-динот Мартин Памер, со својот препознатлив оптимистички и ведар наратив, го сподели задоволството што ја има честа да се обрати пред публиката и уметниците. Ја поздрави и охрабри работата на Националната галерија во исполнување на мисијата на уметност достапна до секого, во оваа прилика, уметници од Австрија или уметници кои живеат и работат во неговата татковина.

На самиот крај, кураторот Ана Франговска ја поздрави публиката и ја покани на предизвик, за дијалог во живо со присутните уметници: Славица Јанешлиева и Игор Сековски од Северна Македонија, Мариа Анвандер и Мајкл Кос од Австрија, Арјета Мала по потекло од Косово која живее и работи во Холадија, младата Теута Јонузи како претставник на два региони, Словачка и Австрија, секако и Рафет Јонузи, претставник на едно широко географско уметничко и животно битисување.

Изложбата ќе може да се посети до 26 јули 2024.

Најново

Последни колумни