Се организира првата „Зборотворба на годината“ – нов настан посветен на македонскиот јазик

Јазичната иницијатива „Зборци“ го најавува првото издание на „Зборотворба на годината“ – настан посветен на создавање, славење и негување на новите зборови во македонскиот јазик. Настанот ќе се одржи во септември 2025 година, во чест на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик.

Од „Зборци“ велат дека овој настан е резултат на идеја која долго време живеела во заедницата, пренесувана од една генерација на љубители на јазикот на следната. „Веруваме дека идеите немаат сопственици, туку носители“, порачуваат организаторите, додавајќи дека „Зборотворба на годината“ е аманет што сега станува реалност.

Настанот има за цел да стане годишна традиција, а во неговиот фокус ќе биде изборот на нови зборови кои ги одразуваат времето, културата и креативноста на јазичната заедница. Публиката и следбениците на иницијативата веќе можат да испраќаат свои предлози за нови зборови преку онлајн формулар достапен преку профилите на „Зборци“.

Организаторите повикуваат и на поддршка од волонтери и потенцијални спонзори. Заинтересираните за волонтирање треба да испратат кратка порака со своите податоци и мотивација на zborci.zborci@gmail.com, додека фирмите и организациите кои сакаат да се приклучат како партнери или спонзори можат да контактираат преку истиот мејл.

Од тимот на „Зборци“ најавуваат дека наскоро ќе бидат објавени повеќе детали за програмата, локацијата и гостите на настанот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни