Трн: Кога си била најсреќна?
Сребра: Нема таков еден момент, досега биле многу, фала му на Бога. Мене не ми треба многу за среќа, но ако треба да издвојувам моменти – тоа е сигурно раѓањето на моите деца, кога бев на првиот голем филмски фестивал – во Кан, кога научив да скијам, моментот кога Умно.мк излезе во етер на 15 април 2021 година…
Трн: Од што најмногу се плашиш?
Сребра: Од војна.
Трн: На која жива личност најмногу ѝ се воодушевуваш и зошто?
Сребра: Нема да ги именувам. Среќна што сум опкружена со луѓе на кои им се одушевувам. Тоа се личности што го почитуваат другиот, што не се наметнуваат по секоја цена, а пленат со знаење и со своето постоење, што не се над другите и такви што ми прават покрај нив и јас да се чувствувам подобра, професионално и приватно.
Трн: Колку храброст требаше да запловиш во ковид-периодот во проектот Умно.мк и дали се исплатеше?
Сребра: Мноогу. Требаше годините искуство, заедно со колешката и другарка Весна Ивановска-Илиевска, да ги преточиме во наша приказна што можеби ја долго ја мечтаевме, но сме чекале вистински момент. И да, две новинарки, мајки на пет деца, напуштивме сигурна работа во едно многу несигурно време за да пласираме наш производ во медиумскиот свет. Сепак, работата на жените во медиумите не е едноставна, исто како обидите да градите независен проект денес. И не жалам, не згрешивме. На добар пат сме. Публиката веќе нè препознава, ни верува, ја таргетиравме да е токму таква – критична, културна и со став. Отворени сме за соработка со организации, фондации, секаде каде што се обидуваме да ги протнеме нашите идеи за проекти од областа на културата, образованието, науката… Предизвици има многу, но еве трета година храбро им гледаме в лице.
Трн: Што не би ризикувала никогаш?
Сребра:Својот интегритет.
Трн: Од кој период, место ги носиш најубавите спомени?
Сребра: Животот е амалгам од убаво, радосно, тажно, лошo … и тоа е постојано преплетено, барем кај мене. Од детството ми е секако мојата Гевгелија, а откако сум мајка, тоа се дефинитивно моментите кога сум ги чекала на целта децата да завршат триатлонска трка, кога радоста се меша со стравот дали сè ќе биде во ред, некое убаво патување со сопругот, погледот во Преспанското Езеро од мојот рај во с. Коњско…
Трн: Што ти е највредно од она што го поседуваш?
Сребра:Семејството.
Трн: Што им должиш на родителите?
Сребра: Не им должам, им благодарам. Веројатно никој од нас не е свесен за сè што добил од родителите, но за мене е најважна љубовта со која сум била опкружена. „Последиците“ од неа се најважни!
Трн: Доколку како во времеплов би можело да се патува назад, каде би заминала?
Сребра: Веројатно во 1960-тите.
Трн: Како се опушташ?
Сребра: Книга, кино, театар, убаво вино, или коњак со сопругот, дружба со пријатели, вежбање, викенд со поглед кон Голем Град од нашиот двор во Преспа…
Трн: Што сметаш дека е твоето најголемо достигнување?
Сребра: Најголемо достигнување ќе ми биде доколку придонесам во животот на моите три деца да пораснат во личности што ќе размислуваат со своја глава и ќе чекорат храбро во животот.
Трн: Која е најважната лекција што ја научи од животот?
Сребра: Соочувај се со стравовите и никогаш не се откажувај!
Трн: Кои се твоите херои во реалниот живот?
Сребра: Луѓето што се соочуваат со предизвици и што се борат за тоа што го сакаат.
Трн: Театар или филм?
Сребра: Театар и филм.
Трн: Твоја омилена книга и автор и зошто ја препорачуваш?
Сребра: Ги сакам книгите на Лидија Димковска, посебно „Резервен живот“, Но – Уи“… нејзината поезија. Ги сакам книгите на Георги Господинов, („Физика на тагата“, Засолниште на времето, Природен роман), поезијата на Радован Павловски… Не можам да објаснам зошто – тоа е како да ви побара да објасните некој зошто сакате одредена личност. Едноставно, зашто ви го прави постоењето поубаво. Така ми е со книгите. Убаво чувство, убава мисла – и кога по години ќе се сетите на одреден наслов, да ви дојде убав спомен. Веројатно тоа е тоа.