Еден шеснаесетгодишен џудист загина во тешка сообраќајна несреќа што се случи утрово околу 3 часот, кога се преврте комби во кое се наоѓаа членовите на Џудо клубот „Партизан“, кои се враќале од натпревар. По повод несреќата се огласи Вишото јавно обвинителство во Нови Сад.
„По повод настанот од 29.10.2025 година, кога дојде до превртување на комбе на автопатот Суботица–Белград, кај наплатната рампа Нови Сад, во правец кон Белград, при што животот го загуби едно малолетно лице, а повеќемина беа повредени, дежурниот јавен обвинител изврши увид на местото на настанот заедно со сообраќајната полиција и издаде сите наредби за обезбедување на докази и утврдување на сите околности од значење за расветлување на несреќата“, се наведува во соопштението на обвинителството.
Според досега познатите информации, возачот на комбето, 43-годишниот С.С., заедно со повредените деца, бил итно пренесен во Клиничкиот центар на Војводина.
Трагедија по враќањето од натпревар
Загинатиот тинејџер (16) бил член на Џудо клубот „Партизан“. Неговиот брат-близначка е меѓу повредените. Нивниот татко, видно потресен, за српските медиуми изјави дека комбето го возел тренерот, кој се наоѓа во тешка состојба во болница.
„Не знам дали изгубиле контрола. Децата се враќаа од натпревар во Азербејџан. Летале од Баку до Будимпешта, а потоа со комбе патувале кон Србија. И потоа се случи оваа трагедија… Еден млад живот е изгубен, другиот син е во болница“, изјави таткото за Блиц.
Состојбата на повредените
Од седумте повредени деца, пет се во стабилна состојба, едно е на Одделението за интензивна нега, но надвор од животна опасност, а едно момче е пренесено во Универзитетскиот клинички центар на Србија во Белград.
„Едно дете има тешка повреда на вратниот дел од ’рбетот и беше транспортирано во Белград. Другото, кое е на интензивна нега, е стабилно и не е животно загрозено,“ изјави началникот на хирургија на Институтот за здравствена заштита на деца и млади на Војводина, д-р Милош Бајиќ.
Возачот, кој исто така е хоспитализиран со повеќекратни трауматски повреди, е под медицинско набљудување.
Изјава на тренерот
По несреќата се огласи и тренерот на Џудо клубот „Партизан“, Небојша Мандиќ, кој потврди дека нивните натпреварувачи се враќале од меѓународен камп и натпревар во Баку, Азербејџан.
„Нашите џудисти се враќаа со два комбиња. За жал, едното излета од патот во близина на Нови Сад. Нема други учесници во несреќата. Загубивме еден млад спортист. Не можам да најдам зборови“, рече Мандиќ.
Ќерката на тренерот, која била во второто комбе, сведочела на моментот кога возилото со нејзиниот татко и соиграчите се превртело.