По масакрот во училиштето во Грац, во кој беа убиени десет лица, а напаѓачот потоа си го одзеде животот, полициската истрага продолжува со полн интензитет. Попладнево во мирното предградие на Грац е извршен претрес во куќата во која живеел осомничениот Артур А.(21), поранешен ученик во училиштето во кое ја извршил крвавата гозба.
Според весникот Heute, при претресот на куќата било пронајдено проштално писмо, а убиецот наводно оставил проштална снимка.
Како мотив за крвавиот поход, младиот Австриец во писмото наведува дека бил жртва на врсничко насилство.
„Тој беше тивок и љубезен“
Соседите за Хеуте го опишуваат поранешниот средношколец како тивок, љубезен и целосно незабележлив.
„Тој беше тивок тип, никогаш не би го очекувал тоа“, рекол шокиран сосед.
Неверување изразија и други жители од областа – немаше индикации дека може да направи нешто толку екстремно. Во инаку мирното соседство владееше мачна тишина и шок.
Една жена од соседството опишала дека младиот човек изгледал запоставено и не се истакнувал. Според неа, тој имал „многу заплеткана коса“ и бил „многу незабележлив“.
Да потсетиме, Артур утрово вооружен со сачмарка и глок упаднал во неговото поранешно средно училиште каде по случаен избор пукал во ученици и професори во две училници.
Од тешките повреди на лице место загинале девет лица. И покрај сите напори на лекарите, една жена починала во попладневните часови во болница.
Уште 11 лица се во болници, некои со тешки повреди – лекарите се борат за живот.