Сè или ништо: Алкалоид вечерва пред најголемиот меч во историјата!

Скопје вечерва ќе пулсира во ритамот на ракометот! Екипата на Алкалоид го игра најважниот натпревар во својата клупска историја – реваншот против АЕК Атина за титулата во Европскиот куп на ЕХФ.

Со четири гола предност од првиот меч во Атина и со распродадена сала „Борис Трајковски“, македонските ракометари имаат шанса да испишат историја и да го донесат првиот европски трофеј за клубот, а третиот за македонскиот ракомет, по легендарните успеси на Кометал Ѓорче Петров и Вардар.

И покрај проблемите што го следеа тимот на Кирил Лазаров сезонава – вклучително и повредите на главните организатори Марко Митев и Игор Ѓорѓиев – Алкалоид демонстрираше зрелост, карактер и неверојатна храброст. Во Атина одиграа контролирано, храбро и без компромис – и излегоа како победници од жешката атмосфера.

Но мисијата не е завршена.

АЕК доаѓа во Скопје со 200 навивачи, а левиот бек Жилберто Дуарте ќе го пропушти мечот поради повреда. И покрај тоа, Грците не се дојдени на прошетка – ќе се борат до последен свиреж. Сепак, Скопје подготви вистински ракометен пекол – сите билети се одамна распродадени, и трибините ќе бидат осмиот играч на младите момчиња од Алкалоид.

Натпреварот почнува вечерва во 20:30 часот – а трибините нема да простат ни секунда пасивност. Време е Македонија повторно да се радува на европско ракометно злато.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни