Се гради првиот европски тематски парк на Universal Studios

Американскиот медиумски гигант Comcast Corporation ќе го изгради својот прв европски тематски парк посветен на холивудското студио Универзал во градот Бедфорд, северно од Лондон, а отворањето е закажано за 2031 година, соопшти во средата британската влада.

При изградбата на паркот ќе се отворат 20.000 работни места, додека по отворањето се очекуваат уште 8.000 нови вработувања во угостителството и креативната индустрија, се вели во објавата.

Се проценува дека паркот ќе привлече околу 8,5 милиони посетители веќе во првата година, што е бројка која моментално ја надминува само Дизниленд Париз во Европа.

Universal Studios веќе има пет одморалишта и тематски паркови во американските држави Калифорнија и Флорида, како и во Сингапур, Јапонија и Кина. Овие комплекси нудат атракции инспирирани од филмските франшизи како Паркот Јура, Хари Потер и многу други.

Премиерот Кир Стармер, чија политика вклучува олеснување на процедурите за планирање за да се поттикнат инвестициите во ОК, рече дека инвестицијата од повеќе милијарди долари ќе го претвори Бедфорд во дом на еден од најголемите тематски паркови во Европа.

Планираниот комплекс вклучува неколку тематски единици, хотел со 500 соби, како и малопродажба, ресторан и простор за забава.

Извршниот директор на Comcast, Мајк Кавено, ги претстави плановите за Стармер во Лондон во вторникот, велејќи дека „не може да биде повозбуден“ за создавање на паркот и одморалиште во срцето на Обединетото Кралство.

Во 2023 година, Comcast купи поранешна циглана со површина од 500 хектари во Бедфордшир, околу 90 километри северно од Лондон. Оваа корпорација веќе е сопственик на Sky, најголемата претплатна телевизија во Европа.

Лабуристичката влада, која беше избрана минатата година, вети дека ќе ги зголеми инвестициите во инфраструктурата. Исто така, го одобри проширувањето на аеродромот Лутон, кој се наоѓа на околу 30 километри од идната локација на Universal Park, што дополнително ја зајакнува меѓународната поврзаност на областа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни