„Се гледаме на Видовден“ – студентите ја објавија локацијата и времето на протестот во Белград

Студентите кои се во блокада на факултетите во Белград најавија голем граѓански протест што ќе се одржи на 28 јуни (Видовден), во 18 часот на плоштадот Славија.

Тие побараа исполнување на два клучни барања до истиот ден:

  1. Премиерот Ѓуро Мацут да поднесе предлог за распуштање на Собранието со цел распишување вонредни парламентарни избори;
  2. Министерството за внатрешни работи (МВР) да го прекине контракампот во центарот на Белград, кој веќе три месеци е поставен од група што се претставува како „студенти што сакаат да учат“, и се противи на блокадите.

Во отвореното писмо до Владата на Србија, студентите порачаа дека доколку до 28 јуни во 21 часот нивните барања не бидат исполнети, граѓаните може да бидат подготвени да ги преземат сите форми на граѓанска непослушност.

„Очекуваме масовно присуство на незадоволни граѓани на протестот, а понатамошните чекори по завршувањето на собирот не можат да се предвидат“, стои во писмото.

Студентите нагласуваат дека ова е последен апел до институциите со цел да се избегне кулминација на незадоволството и предупредуваат дека граѓаните ќе преземат мерки за заштита на своето основно право на слободен и легитимен демократски систем.

„Се гледаме на Видовден. Собир: Плоштад Славија, 18 часот“, напишаа тие.










е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни