Се фалат со брутализмот, а го покрија со гипс и кич

Брутализмот – архитектонскиот идентитет што дома се распаѓа, а го славиме на биенале Додека македонскиот павилјон на Венециското биенале се најде меѓу десетте највпечатливи според реномираниот портал Artribune, дома сè уште немаме системска грижа за архитектонското наследство кое го стави Скопје на културната мапа на Европа. Парадоксот е уште поголем кога се земе предвид обидот на Министерството за култура и туризам да го претстави овој успех како резултат на „владините заложби“.

Но вистината е поинаква.

Strada Brutalissima, проектот што достојно ја претставуваше Македонија, е дело на луѓе што долги години работат, истражуваат и сонуваат за вредностите на скопскиот модернизам. Под кураторство на доц. д-р Благоја Бајковски и со поддршка од комесарките Фросина Зафировска и Маја Неделкоска Брзанова, како и тимовите на Архитектонскиот факултет и Националната галерија – овој павилјон не е „владин проект“. Тој е плод на независна, стручна и посветена работа.

Архитектурата што ја претставивме во Венеција не ја создаде оваа или која било неодамнешна влада. Ја создадоа генерации визионерски архитекти по земјотресот во 1963 година, кои веруваа во урбана солидарност, хуманизам и европски дух. Градот што го градеа, Скопје, беше симбол на модерната надеж.

Денес, тие дела – прогласени за споменици на културата – пропаѓаат пред нашите очи.

ЛОТУСот на Поштата, можеби најрепрезентативниот симбол на македонскиот брутализам, се распаѓа. Со секој паднат дел од фасадата, паѓа и дел од нашата историја. Ниту една влада досега не покажа политичка волја и разбирање за вредноста на ова културно наследство. Наместо заштита, брутализмот дома беше „облечен“ во лажен барок со проектот „Скопје 2014“, а денес служи само за спинување успеси кога ќе добие меѓународно признание.

„Овој павилјон не е само приказна за бетон и форми – тој е патување низ времето, меморијата и колективната надеж“, велат авторите.

И токму затоа, признанието за Strada Brutalissima не смее да биде изговор за лажно самозадоволство на институциите, туку аларм дека токму тие треба да почнат да ја бранат архитектурата што вистински нè претставува во светот. Пред да стане предоцна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни