Савче Ѓошева, студентска правобранителка на УКИМ: Студентите имаат сила и ентузијазам да влеат промена во општеството

Савче Ѓошева, неделава ја презема функцијата Студентска правобранителка на УКИМ. Оваа млада девојка инаку студентка на Филолошкиот факултет на Катедрата за Англиски јазик, која во слободно време ги чита Орвел и Фишер, верува во силата и моќта на младите да започант нови движења кои ќе донесат промени во високото образование и во општеството. Во нејзината Програма за работа како студентска правобранителка на УКИМ, таа се залага за подобрување на студентскиот стандард и за поинклузивно образование. Со Савче разговаравме за проблемите на студентите денес, за важноста на студентските организации и за промените кои тие ги носат

ТРН: Веруваат ли младите во промени? Можат ли да се изборат за своите цели и идеали? Да наметнат нови вредности во општеството?

Ѓошева: Секоја генерација си носи свои вредности што сака да ги наметне на општеството, па така и нашата. Чинам генерацијата Z ја има потребата за автентична комуникација со своите истомисленици за создавање на колективи коишто ќе можат да ја подобрат заедницата. Но сепак за да се направи некаков исчекор и да се донесат промените, потребно е време. Потребно е време да се посади никулецот и да се развие стеблото, тука ние како дел од студентските организации го отпочнуваме процесот. Ние треба најмногу да се вклучиме. А покрај нас, и студентите и сите останати полека да се приклучуваат кон движењето за промените.

ТРН: Кои се најголемите проблеми на студентите денес?

Ѓошева: Проблем е што младите не си ги познаваат доволно правата, затоа се јавува потреба од дополнителна едукација преку работилници, дискусии и достапност на законските права на веб-страниците на Универзитетите и факултетите. Студентите не ги познаваат доволно правата наведени во законот и поради тоа не се препознава дискриминацијата или кршењето на правата. Откако еднаш ќе бидат запознаени ќе можат и многу полесно да ги препознаваат повредите на своите права и дискриминацијата. Ако извршено повреда на нечие право, секогаш можат да достават претставка до мене.

ТРН: Кога зборуваме за генералните проблеми на младите луѓе, каде е според тебе фокусот на проблемите и изворот на незадоволството?

Ѓошева: Најголем дел од проблемите се во високото образование. Барем она што доаѓа до нас како студентски организации, бидејќи ние ги опфаќаме проблемите во  виското образование. Младите сакаат да имаат поинклузивно образование, сакаат да им биде понудена студиска програма која што ќе ги оспособи да ја најдат својата работа на пазарот на трудот. Сега се прават тие напори тоа да се постигне. Друг проблем е како да дојдеме до поквалитетен студентски стандард. Тоа не опфаќа само сместување, исхрана и бесплатен јавен превоз, туку и вкупната благосостојба на студентот во текот на студирањето. Да не ја заборавиме и културната прогрма што може да ја понуди општеството.

ТРН: Кои се целите кои ги имаш зацртано во твојот мандат. Што би сакала да промениш и постигнеш?

Ѓошева: Имав пет области коишто ги ставив во програмата и еден огромен дел е посветен на студентскиот стандард во студентските домови. Тој треба да се подигне на едно многу повисоко ниво бидејќи во студентските домови се сместени огромен број студенти од целата држава коишто заслужуваат добри услови за го постигнат својот потенцијал и за возврат да помогнат на заедницата и на целата држава. Покрај ова, акцент е ставен на  едукацијата на студентите за нивните права и придвижување на целата маса што покритички да настапи кон општеството.

ТРН: Веруваш ли дека младите во земјава имаат сила да започнат едно вакво движење за промени наспроти оној конформизам и апатија кои владеат?

Ѓошева: Се чувствува таа апатија и мислам дека е глобален проблем, но бидејќи ние живееме во држава којашто има огромни проблеми на сите фронтови, кај нас е најизразено. Студентите биле или се апатични, барем еден огромен дел од нив, но гледаме дека тоа не ни помага. Потребна е една млада сила и ентузијазам кој ќе влее промена во општеството и ќе им даде верба и на останатите граѓани во државата дека нешто може да се подобри. Сега ние сме тие коишто треба да критикуваме, да бараме, но и да ги изнаоѓаме самите решенија. На почетокот можеби не сите студенти сакаат да се приклонат кон каузата на активизмот, но како што студентските организации даваат видливи и успешни резултати, следствено е понатаму поголем број на студенти да сакаат да бидат дел од промените.

ТРН: Што според тебе недостасува во високото образование и дали студентските програми се доволно адаптирани за потребите на денешницата?

Ѓошева: Мислам дека треба се променат и адаптираат на тоа што го бара пазарот на трудот, и да се стави акцент на интердисциплинарноста. Студиските програми треба да се интердисциплинарни затоа што носи најголем бенефит во овој економски систем. Секој студент треба да има можност сам да избере какви предмети би сакал да слуша не само од факултетот каде што се запишал туку и од останатите факултети и студиски програми кои ги нуди универзитетот и со тоа да се стекне со  double degrees или joined degrees затоа што тие овозможуваат пренос на огромно знаење, искуство и вештини од  повеќе сфери коишто можеш да ги имплементираш низ различни професии.

ТРН: Студираш хуманистички науки во време на ИТ генерации. Каква вредност овој тип на вредности можат да донесат.

Ѓошева: Хуманистичките науки засега имаат проблем бидејќи некако не можат да си го најдат своето место на пазарот на трудот поради поставеноста на економскиот систем. Но,  и покрај овој проблем носат знаење коешто е значајно за општеството. Ни требаат екперти кои можат да ги анализираат општествените феномени, да понудат свој коментар и совет во управувањето со државата, а тука настапуваат хуманистите. Сите филозофи, филолози, социолози, оние кои студираат и работата во областа на  хуманистичките науки можат да дадат свој придонес кон општеството, само треба подобро да ги имплементираме нивните вештини и да ги слушнеме.

ТРН: Колку се важни студентските собранија за младите и за нивното делување во студентската сфера?

Ѓошева: Студентските собранија се потребни за да се постигне стабилна структура на студентско организирање и да се оформи здрава врска помеѓу студентите и органите на едниците и универзитетот каде што ќе има добар дијалог помеѓу овие ткива на академското функционирање. Затоа ни се потребни активни студенти и треба да ги охрабриме да бидат поактивни во факултетските собранија.

ТРН: Колку неформалното образование и тој тип на програми и размени се важни за студентите и нивното севкупно образование?

Ѓошева: Изучувањето на меки вештини и снаоѓање во социјалниот дискурс, градење на комуникации и дијалог со останатите е навистина потребно за секој млад поединец бидејќи така може подобро да функционира во општеството.

ТРН: Како го поминуваш слободното време? Кога не си на факултет и не си активна во студентскиот парламент?

Ѓошева: Слободното време кое се помалку го имам се трудам да го исполнам со читање на книги и со филмови бидејќи тоа ми е омилената активност и нешто што е во областа на факултетот којшто го студирам. Она што моментално читам е есејот „Capitalist Realism“ од Марк Фишер, а препорака за друга книга е „1984“ од Орвел. За филм, прво што ми доаѓа на ум, бидејќи е месец ноември е „V for Vendetta“. Тоа е добар филм што треба да се изгледа. Има одличен социјален коментар и го препорачувам бидејќи преку гледање можеш подобро да алализираш и да увидиш до каде се развива општество. Добиваш едно ново знаење и нова перспектива.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни