Саудиска Арабија планира во март значително да го зголеми извозот на нафта преку Црвеното Море, во обид да ги ублажи последиците од блокадата на Ормускиот теснец, покажуваат податоците за танкерскиот транспорт објавени во вторникот. Сепак, количините што се пренасочуваат по оваа рута не се доволни за целосно да го надоместат падот на испораките низ клучниот морски премин.
Тензиите во регионот нагло се зголемија откако Иран ја презеде контролата врз Ормускиот теснец, по американско-израелските напади, и им забрани премин на бродови поврзани со САД, Израел, европските земји и нивните сојузници.
Во такви услови, осигурителните компании го повлекоа покритието за бродови што пловат низ Персискиот Залив, поради што голем број танкери ја прекинаа пловидбата низ теснецот.
Извозот драстично намален
До 28 февруари, пред првиот бран американско-израелски напади врз Иран, Саудиска Арабија извезуваше околу шест милиони барели нафта дневно преку Ормускиот теснец – тесниот морски премин меѓу Персискиот и Оманскиот Залив.
Според најновиот извештај на Меѓународната агенција за енергија (IEA), земјите од Персискиот Залив во моментов извезуваат само околу една десетина од нафтата во споредба со периодот пред ескалацијата на конфликтот.
Тоа значи дека низ Ормускиот теснец моментално поминуваат помалку од два милиона барели дневно, според проценките на агенцијата.
IEA истакнува дека само Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати располагаат со нафтоводи што можат делумно да го заобиколат теснецот, со капацитет од околу 3,5 до 5,5 милиони барели дневно.
Новата рута: Црвеното Море
Поради тоа, Ријад сега испраќа поголеми количини нафта од пристаништето Јанбу на Црвеното Море, со цел да го одржи извозот и да избегне нагло намалување на производството, како што веќе се случува во соседните земји од регионот – Ирак, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати.
Во првите девет дена од март од Јанбу се извезени околу 2,2 милиони барели нафта дневно, што е двојно повеќе отколку во февруари, покажуваат податоците на компанијата LSEG.
Според истите податоци, во текот на март во пристаништето треба да бидат натоварени 37 танкери, од кои 11 веќе испловиле. Анализите на компанијата Kpler укажуваат дека бројката може да достигне најмалку 40 танкери, што би можело да го зголеми извозот над четири милиони барели дневно.
Јанбу има капацитет за товарење повеќе од 4,5 милиони барели дневно, иако во пракса ретко се користи повеќе од 2,5 милиони барели.
Ризици и на новата рута
Сепак, и новата рута преку Црвеното Море не е безбедна. Бродовите што пловат таму се изложени на ризик од напади на движењето Ансар Алах, кое ја контролира северна Јемен.
Ова движење претходно го затвори преминот Баб ел-Мандеб, барајќи испорака на хуманитарна помош за Појасот Газа за време на израелските воени операции.
Во меѓувреме, саудискиот нафтен гигант Aramco соопшти дека преку нафтоводите кон Црвеното Море може да се транспортираат до седум милиони барели дневно, од кои пет милиони би биле наменети за извоз, а останатите два милиони за домашните рафинерии на западниот брег на Саудиска Арабија.
Според проценките на Energy Aspects, кралството веќе го намалило производството на околу 9,8 милиони барели дневно, во споредба со 10,9 милиони барели дневно во февруари, кога извозот бил зголемен над квотата на ОПЕК во очекување на можни нарушувања на снабдувањето.