Неколку илјади граѓани на Унгарија се собраа во центарот на Будимпешта на сатиричен протест, исмејувајќи ја намерата на премиерот Виктор Орбан да ја забрани годишната Парада на гордоста на ЛГБТК+ заедницата. Облечени во сиво и со иронични транспаренти, демонстрантите ги осудија боите и различноста – се разбира, со силна доза сарказам.
Протестот беше организиран од сатиричната партија „Партијата на кучето со две опашки“ (Magyar Kétfarkú Kutya Párt), и дојде како реакција на неодамна изгласаниот закон од страна на унгарскиот парламент, под доминација на партијата Фидес на Орбан, со кој се забранува одржување на Парадата на гордоста, наводно за „заштита на децата“.
Парадата требаше да се одржи кон крајот на јуни.
Иако властите тврдат дека се борат за зачувување на семејните вредности, критичарите овој потег го гледаат како дел од пошироко задушување на демократските слободи, особено пред општите избори следната година.
Протестантите носеа пароли како: „Да се биде еднаков е кул“, „Слушај го срцето, смрт на боите“. „Тие (ЛГБТ лицата) би им го одзеле правото на собирање затоа што сите се криминалци“, саркастично изјави еден од учесниците, Шамуел Тар.
„Тие сакаат да се изразуваат, а тоа е многу штетно. Само јас треба да смеам да се изразувам, никој друг“, додаде тој, алудирајќи на авторитарната природа на забраната.
Од партијата изјавија – се разбира, со јасна иронија – дека протестот е организиран како поддршка на напорите на Орбан да ја искорени различноста, бидејќи тоа било „поважно од сите други проблеми во земјата – како високата инфлација, недостигот од достапно домување и лошата состојба на јавните услуги“.
„Сите проблеми во светот доаѓаат од различноста и индивидуализмот“, стои во сатиричната изјава на партијата.
„Партијата на кучето со две опашки“ постои речиси две децении, а значително внимание привлече кога нејзиниот лидер, Гергељ Ковач, победи на изборите за локален совет во еден дел од Будимпешта, победувајќи го кандидатот на Фидес во неговото поранешно упориште.
Иако партијата сè уште нема претставници во унгарскиот парламент, тие се претставуваат како „единствениот разумен избор“ во едно длабоко поделено општество. Не е јасно дали ќе успеат да обезбедат пратенички места на изборите следната година.