Како што пренесува The Guardian, сателитските податоци откриваат драматичен пораст на огромни наслаги од морски алги во светските океани, што научниците го поврзуваат со глобалното затоплување и со зголеменото внесување хранливи материи во морските екосистеми од земјоделството и индустриското загадување.
Истражувачи од Универзитетот на Јужна Флорида предупредуваат дека овој тренд може да укаже на длабока и трајна промена во функционирањето на океаните. Според нивната анализа, во последните дваесет години, појавата на таканаречени „цветања“ на макроалги во тропскиот Атлантик и западниот Пацифик растела со просечна стапка од 13,4 проценти годишно, при што најголемиот пораст е забележан по 2008 година.
Научниците наведуваат дека зголеменото присуство на алги може да ги затемни океанските води, да влијае врз нивната екологија и геохемија и индиректно да го забрза климатското затоплување.
„Промена на режимот“ во океаните
„Пред 2008 година, освен сargасот во Саргашкото Море, немавме забележано големи и распространети појави на макроалги“, изјави океанографот Чуанмин Ху, професор на Колеџот за морски науки при Универзитетот на Јужна Флорида и еден од авторите на студијата. „На глобално ниво, сега изгледа дека преминуваме од океани сиромашни со макроалги кон океани богати со макроалги.“
Истражувањето било поттикнато од зголемени извештаи за ширење на алгите и во Атлантикот и во Пацификот. Меѓу најпознатите примери е Големиот атлантски појас од саргас, кој е видлив и од вселената и се протега од Мексиканскиот Залив до устието на реката Конго. Слични појави се забележани и околу островите Чатам во близина на Нов Зеланд, како и при таканаречените „црвени плими“ долж брегот на Флорида.
Анализа на над еден милион сателитски снимки
Научниот тим користел вештачка интелигенција за анализа на околу 1,2 милиони сателитски снимки направени помеѓу 2003 и 2022 година. Студијата, која авторите ја опишуваат како прв глобален преглед на пловечките алги, покажува дека макроалгите се зголемувале многу побрзо од микроалгите, како што е фитопланктонот, чиј раст изнесувал околу 1 процент годишно.
„Значајно е тоа што најголемиот дел од порастот и кај макроалгите и кај микроалгите се случил во последната деценија, што се поклопува со забрзаното затоплување на океаните по 2010 година“, наведуваат авторите, посочувајќи критични пресвртници во 2008, 2011 и 2012 година.
Последици за климата и екосистемите
Истражувањето покажува дека, за разлика од макроалгите, фитопланктонот не реагирал подеднакво на промените во животната средина, што укажува на различна чувствителност на температурата и процесот на еутрофикација – прекумерно збогатување на водите со хранливи материи.
„Доколку ова се потврди, тоа значи дека веќе сме сведоци на промена на океанските услови што им оди во прилог на макроалгите“, предупредуваат научниците. Таквата промена, додаваат тие, може да има далекусежни последици врз апсорпцијата на јаглерод, биогеохемијата на океаните, стабилноста на површинските слоеви и врз климатскиот баланс на планетата.
Резултатите од истражувањето се објавени во научното списание Nature Communications.