Сателитски снимки откриваат загрижувачка промена во Јадранското Море

Европските сателити оваа пролет забележале загрижувачки тренд долж северниот дел од Јадранското Море. Некогаш бистрото сино море сега е заматено и зелено – и причината е цветањето на алгите.

Според снимките на програмата Copernicus, кои беа објавени на нивните социјални мрежи, појавата е најизразена долж северниот брег на Италија. „Живописните зелени области на сликите остро контрастираат со длабоката сина боја на недопрената вода“, наведуваат од Copernicus.

Научниците сметаат дека ова изненадно и масовно цветање на алги, видливо дури и од вселената, е поврзано со невообичаено високите температури на морето и обилните врнежи, кои довеле до зголемен доток на речна вода во морето.

Во своето соопштение, Copernicus предупредува дека прекумерното цветање може сериозно да го загрози морскиот екосистем, бидејќи води до намалување на нивото на кислород. Тоа влијае и врз рибарството, но и врз туризмот.

Што е „цветање на море“?

Цветањето на море претставува нагло зголемување на бројот на микроскопски алги – фитопланктон – кои можат да достигнат милиони клетки по литар морска вода. Тоа се случува кога има идеални услови: доволно хранливи материи и сончева светлина. Во зависност од видот на алгите, морето може да се обои во зелено, црвено или кафеаво.

Иако ова е природна појава и фитопланктонот е основа на морскиот синџир на исхрана, проблем настанува кога има прекумерно цветање. При нивната разградување, се троши кислородот во водата, што може да биде штетно за животинскиот свет, особено за школките и рибите. Дополнително, одредени видови алги можат да бидат токсични.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни