Русија ја обновува напуштената воена база во градот Петрозаводск, во Република Карелија, во близина на границата со Финска, каде што планира да распореди до 15.000 војници во рамки на новоформираниот 44. армиски корпус. Ова го покажуваат сателитските снимки објавени од финската јавна телевизија Yle, пренесува NV.
Снимките прикажуваат поранешен гарнизон во близина на електраната „Рибка“, кој бил напуштен од почетокот на 2000-тите години, а сега е целосно расчистен од вегетација. До октомври минатата година, на локацијата биле забележани повеќе од 50 воени камиони и други возила.
Во Петрозаводск веќе постојат голема воздухопловна база и складишта за воена опрема, а моментално се градат и нови работилници. Локалните руски медиуми наведуваат дека изградбата на нови касарни ќе започне во текот на оваа година.
Русија го формираше 44. армиски корпус во Карелија уште во 2024 година, со што беа додадени околу 15.000 војници. Дел од нив веќе пристигнале во регионот, што ја објаснува потребата од нови објекти за сместување и обука.
Војниците веројатно се подготвуваат за Украина
Воениот аналитичар и поранешен фински разузнавач Марко Еклунд изјави за Yle дека постои голема веројатност војниците од 44. корпус да се обучуваат за испраќање на боиштето во Украина. Паралелно, се гради и ново воено населено место во Кандалакша, во Мурманската област.
Во меѓувреме, Финска и Шведска на 27 септември минатата година формираа заедничка бригада со околу 5.000 војници, стационирана во Лапонија, во близина на руската граница. Финската воена разузнавачка служба на 22 јануари предупреди дека Русија не се откажала од обидите за саботажа на подводната инфраструктура во Балтичкото Море.
