Откритието предизвика нов бран меѓународна загриженост за размерот на насилството што го зафати овој дел на Судан.
Масовни погреби и докази видливи од орбитата
Снимките, анализирани од Лабораторијата за хуманитарни истражувања при Универзитетот Јеил и направени од американската компанија Vantor (поранешна Maxar Technologies), прикажуваат две локации каде што се извршуваат масовни погреби.
Едната локација е во близина на џамија северно од Саудиската болница, каде што, според извештаите, биле убиени околу 460 лица, а втората се наоѓа крај поранешната детска болница, која RSF наводно ја користеле како затвор.
Во извештајот на истражувачите се наведува дека бројот на телата не може прецизно да се утврди бидејќи „телата често се редат едно врз друго“.
Раните снимки покажуваат бели објекти и темни дамки на земјата, идентификувани како човечки тела и траги од крв, „видливи дури и од вселената“, наведува лабораторијата на Јеил.
Злосторства против цивили и лекари
Според Associated Press, меѓу убиените е и д-р Адам Ибрахим Исмаил, лекар и хуманитарен работник, кого силите на RSF го ликвидирале откако бил приведен при нивното влегување во Ел-Фашер. Мрежата на судански лекари го опиша убиството како „гнасен злостор против медицинскиот персонал и хуманитарците“.
Реакција на Обединетите нации
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повика на воспоставување на „механизми за одговорност“ за злосторствата во Ел-Фашер, истакнувајќи дека „масакрите се одвиваат пред очите на светот“.
Се стравува дека масовното погребување на телата ќе го отежни секое идно истражување на злосторствата, особено затоа што регионалните комуникации се во прекин, а територијата е под контрола на вооружените сили кои се обвинети за нападите.
Позадина на конфликтот
Граѓанската војна меѓу суданската армија и паравоените сили RSF започна во април 2023 година. Според податоците на ОН, досега се убиени повеќе од 40.000 луѓе, но хуманитарните организации предупредуваат дека вистинскиот број на жртви е многу поголем.
Ел-Фашер, еден од последните големи градови под опсада, моментално е симбол на „суданските полиња на смртта“, како што ги нарекуваат активистите, додека меѓународната заедница сè повеќе го критикува молкот околу кризата во Дарфур.
Извор: Radiosarajevo.ba