Сателитите на Starlink носат брз интернет, но и последици за кои не сме свесни

Додека милијардерот Илон Маск ја проширува својата мрежа Starlink, експертите предупредуваат дека последиците за околината би можеле да бидат страшни.
Фото: Jud McCranie, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Системот Starlink има цел да обезбеди брз интернет ширум светот, особено во тешко достапни рурални области.

Иако неговите придобивки се очигледни, стапката со која комерцијалните сателити се лансираат во атмосферата, без да се анализира влијанието врз животната средина, ги загрижи критичарите на програмата.

Група од 100 вселенски истражувачи од универзитети, опсерватории и институти испратија писмо до Федералната комисија за комуникации (FCC) во САД, барајќи да го паузира лансирањето на нови сателити додека не се истражат можните последици.

Иако долгорочните ефекти се непознати, истражувачите забележаа дека е јасно дека повеќе сателити и повеќе лансирање доведуваат до ослободување на штетни гасови и метали во атмосферата.

Холандските истражувачи утврдија дека сателитските радио бранови ја блокираат способноста на научниците да го набљудуваат универзумот. Сателитите Starlink исто така може да се видат со голо око во зори или самрак, што може да влијае на телескопските слики и набљудувањето на ѕвездите и планетите.

Новата генерација на сателити на Маск ја попречува работата на радио телескопите, многу повеќе отколку што беше случај порано. Поточно 32 пати повеќе.

Тоа значи дека вредната истражувачка работа на астрономите може да биде загрозена, објави холандскиот институт за радио астрономија (ASTRON).

Сателитите обезбедуваат интернет со голема брзина низ целиот свет, вклучително и во „предизвикувачки“ средини како Јемен и Украина. Сепак, тоа има своја цена.

„Секогаш кога ќе биде лансирана нова група сателити, со сите тие емисии на штетни материи, сè помалку ќе го гледаме небото“, изјави директорката на ASTRON Џесика Демпси.

Количината на ослободена радијација ги надминува нивоата поставени од Меѓународната телекомуникациска унија.

Според една проценка, моментално има 6.402 сателити кои орбитираат на околу 550 километри над Земјата. Тие се релативно големи – со панел од 3 метри и дел за напојување од 8 метри.

Главниот конкурент на „SpaceX“, „OneWeb“ поседува помалку од 1.000 сателити, но и нивните активности се зголемуваат. Компанијата „Амазон“ исто така ја развива својата мрежа на уреди и се надева дека во следните неколку години ќе лансира околу 3.000 од нив.

Како што пренесува Би-Би-Си, до 2030 година бројот на сателити во орбитата би можел да надмине 100.000.

Голем број вселенски објекти, вклучително и далечни галаксии и планети, емитуваат светлина во електромагнетниот спектар. Ова зрачење патува во бранови кои можат да се „соберат“ со радио телескопи за да ни дадат слика на она што не можеме да го видиме со голо око.

Сателитите  се мешаат со овие бранови. Научниците открија дека скоро сите набљудувани сателити емитуваат електромагнетно зрачење и тоа е 10 милиони пати посветло од најслабиот извор на светлина.

Како што изјавија, тоа е како да се споредува најбледата ѕвезда видлива со голо око и полната месечина.

Без оглед на предностите на системот, една од катастрофалните последици е светлосното загадување. Сателитите оставаат светлосна трага што ги прави астрономските слики неупотребливи.

Маск ги отфрли тие грижи пред две години, велејќи дека неговите сателити нема да ги нарушат астрономските истражувања и дека, доколку е потребно, ќе бидат обоени во црно.

Идејата беше тестирана со сателитот 1130 „DarkSat“, а резултатите беа неубедливи. Следната генерација би требало да биде помалку светла, но сепак е светла за чувствителните астрономски инструменти кои се користат за набљудување на ѕвездени објекти.

Досега на Земјата паднале неколку десетици сателити, а доколку само пет проценти од нив се расипеле за време на нивниот проектиран животен век од пет до седум години, би придонеле за илјадниците парчиња вселенски отпад во орбитата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни