Сашо Поповски е џез музичар од четвртата генерација македонски уметници, шеф на џез-одделот при Музичката академија на Универзитетот Гоце Делчев – Штип, композитор и педагог. Во 2011 година го започнува патувањето со „Џез фабрика фест“, најпрво како мултимедијална работилница за млади, а потоа и како фестивал кој е активен и денес во неговата родна Битола. Дел е од музичката академија при УГД Штип од 2008 година. На почетокот како стручњак од пракса, а денес редовен професор и шеф на катедрата за џез-музика при Музичката академија. Токму џез-оделот во голема мера придонесува за развојот на џез-сцената кај нас. Голем број млади музичари кои во изминативе неколку години ја збогатија македонската џез-култура се токму производ на оваа катедра.
Го прашавме Сашо, што е џез за него?
-Тоа е многу тешко прашање, не знам кој би можел да го одговори точно. Можеби најдобрата дефиниција е на Дјук Елингтон музика на човечкиот род, мојот колега Тони Китановски тоа го кажува стално. А мене ако ме прашате што е џез, па не би можел конкретно да ви кажам. Се она што е убава музика околу нас може да биде класифицирано како џез.

Влијанието на џез музиката врз студентите
Како професор на Музичката Академија, Поповски ја има привилегијата да работи со млади талентирани музичари и да ја открива и храни нивната страст за џезот. Низ процесот на едукација фокусот на академијата е насочен кон развивање на способноста за музичко самооткривање на студентот и градење сопствена џез-кариера.
-Џез одделот при универзитетот Гоце Делчев во Штип, изминатите 15 – 16 години генерира над 90 проценти од џез музичарите кои што се на нашата сцена, така да мислам дека влијанието е огромно. За мене е најбитно тие да бидат свои, да го зачуваат оној пеграм со кој дошле и да научат како нивната енергија, нивната смисла, нивната креација или она како што тие ја гледаат музиката да ја канализира низ јазикот на џезот, затоа што ние на академијата гледаме секој еден студент, секој еден млад човек да остане среќен и да го зачува духот и првичната идеја која што го натерала да дојде да студира џез. И да им биде многу забавно претпоставувам. Да се работи со млади луѓе, човек останува млад. Не можеш да бидеш forever јак, ама нели сепак остануваме млади. И една многу битна работа која што јас после секое мое предавање сакам да ги прашам, е каква музика слушате денес? Кој што слуша? Тоа ме интересира и секогаш добивам свежи информации од луѓе кои што сакаат џез, а кои што се 20, 25 години помлади од мене. Тоа е непроценлива вредност – вели Сашо.

Музичката академија при Универзитет „Гоце Делчев“ потпиша Меморандум за соработка со „Аудио култура“ – Скопје. Договорот овозможува заедничка соработка и можност на студентите од Одделот за џез студии своите музички перформанси да ги презентираат свирејќи на врвна аудио опрема и пред сериозна публика, ценејќи дека ваквата можност за афирмација е искуство кое ќе ја збогати основата за нивно успешно градење како музичари.
-Потпишавме меморандум за соработка со Аудио култура минатата година и реализиравме 4 концерти, “Students play Live at Audiokultura”, а некаде на крајот на февруари ќе го реализираме и петтиот концерт на студентите. Многу е битно затоа што студентите ќе осетат како е тоа да си на сцена заедно со професионални џез музичари за да ја осетат истата таа сцена, да имаат лајвстрим во живо што е една нова алатка која ја имплиминтиравме заедно со аудио култура и на нивниот канал да си ги имаат снимени нивните концерти. Исто така, Џез Фабрика Фестивалот во Битола подава рака секогаш на студентите од џез одделот УГД Штип и секоја година по еден концерт имаме во соработка со кафе барот Камарите во Битола и така да ги претставуваме и во Битола. Исто им организираме и промотивни турнеи во соработка со музичките училишта низ државата – вели Сашо за Трн.

Вечерва ќе се одржи петтиот и последен настан од утврдената соработка на Аудиокултура. Преку изведба во живо на избрани џез композиции, студентите и во оваа прилика ќе ги обединат своите музички знаења, квалитетна музичка структура, културна наобразба и слободоумност.

“Students play at Audiokultura” започнува во 12:30 часот денес, а за оние кои не можат да присуствуваат на настанот Аудиокултура и своите соработници овозможуваат LiveStream на својот FB канал.
-Или пак ќе продолжат да свират или можеби ќе им се допадне авангардата па, оној современ џез или today Jazz што се нарекува ќе биде нивниот пат но сепак ние како менори, како професори се трудиме цел тој спектар на џез стилови да го опфатиме, сега секој индивидуално што ќе го интересира понатаму ќе прави, изборот е секогаш нивен- вели Сашо, и токму тоа додава е убавината на тоа да се биде професор.

А кога не е на факултетот меѓу студентите, тој работи на нов албуми и концерти. И секако ужива во џезот. Во февруари излегува и неговиот шести албум „22 days“.
-Последниот албум ,,Steps” помина одлично и имаме и винил издание лимитирано на 200 ЛП кое за наши македонски услови се продава многу добро. Во февруари го издавам мојот шести албум „22 days“ заедно со мојот пријател Херцел од Берлин, така да тоа е најново издание и излегува крајот на февруари, а во март на моја огромна среќа одам на турнеја во Шпанија, пет концерти и ќе снимам нов албум кој што ќе биде снимен заедно со шпански џез музичари, членови на асоцијата на џез музичари од Гранада. Така да надвор од универзитетот ќе има исполнета пролет, вели Сашо.