Саркози – првиот поранешен претседател во ЕУ кој оди во затвор

Саркози ќе биде првиот француски лидер што ќе биде затворен по Филип Петен, нацистичкиот соработник и шеф на Виши режимот во Франција, кој беше затворен по Втората светска војна.

Поранешниот француски претседател Никола Саркози ќе оди во затвор во вторник поради обвинение дека планирал да обезбеди либиско финансирање за својата претседателска кампања во 2007 година, со што ќе стане првиот поранешен лидер на некоја земја од ЕУ што ќе ја издржува казната зад решетки.

Саркози, претседател на Франција од 2007 до 2012, на крајот на септември беше осуден за кривично дело – заговор, поради планот починатиот либиски диктатор Моамер Гадафи да ја финансира неговата изборна кампања.

Поранешниот државник, кој се жали на пресудата и ја нарече “неправда”, ќе биде затворен во затворот La Santé во Париз.

„Ако толку сакаат да спијам во затвор – ќе спијам во затвор. Но, со високо крената глава“, изјави тој за новинарите на 25 септември.

Саркози ќе биде првиот француски лидер што ќе биде затворен по Филип Петен, нацистичкиот соработник и шеф на Виши режимот во Франција, кој беше затворен по Втората светска војна.

Услови во затворот

Според затворски извори, Саркози најверојатно ќе биде сместен во самичен ќелија со површина од околу девет квадратни метри, во крило со засилена безбедност.

Целта е да се спречи контакт со други затвореници, фотографирање или снимање со илегално внесени мобилни телефони, велат извори од затворот кои сакаат да останат анонимни.

Во самицата, затворениците имаат една прошетка дневно во мало дворче.

„Исклучителна тежина на делото“

Не е познато колку долго ќе остане Саркози во затвор.

Судијката Натали Гаварино рече дека делото е од исклучителна тежина, па нареди веднаш да биде затворен, дури и ако поднесе жалба.

Сепак, неговите адвокати се очекува веднаш по пристигнувањето во затвор да побараат ослободување, а правната постапка може да трае околу два месеца.

Судот може да одбие ослободување ако смета дека е тоа единствен начин да се спречи манипулација со докази или заплашување сведоци.

Ако не, може да му дозволи домашен притвор со електронска нараквица.

До тогаш, Саркози ќе го минува времето во изолација.

Правни проблеми

Саркози се соочува со повеќе правни проблеми откако изгуби на изборите во 2012 година.

Веќе беше осуден во друг случај – и издржа казна со електронска нараквица поради обид за поткуп на судија. Нараквицата беше отстранета во мај.

Во т.н. „либиски случај“, обвинителството тврдеше дека неговите соработници, по негов налог, уште во 2005 година договориле нелегално финансирање со Гадафи за кампањата во 2007.

Истражителите веруваат дека за возврат, Гадафи очекувал да му се подобри меѓународниот имиџ, откако беше обвинет за терористички напади во 1988 (Lockerbie) и 1989 (Нигер).

Сепак, судот не прифати дека Саркози директно примил или користел пари за кампањата.

Тој беше ослободен од обвиненијата за проневера на јавни средства, пасивна корупција и незаконско финансирање на избори.

Поддршка и критики

По осудата за корупција, Саркози ја загуби највисоката француска награда – Легија на честа.

Според анкета спроведена на повеќе од 1.000 испитаници од Elabe, секој шести Французин смета дека затворската казна е „праведна“.

Сепак, Саркози сѐ уште има поддршка од дел од десницата.

Неговиот син Луис Саркози, кој пишува за екстремно десничарски медиуми и се кандидира за градоначалник во јужна Франција, повика јавноста да му изрази поддршка пред неговиот дом во вторник.

Судијката на процесот примила закани за смрт, поради што претседателот Емануел Макрон јавно ги осуди заканите како „неприфатливи“.

Познати затвореници во La Santé

Меѓу познатите кои биле затворени во La Santé е и Илич Рамирез Санчез – познат како Карлос Чакалот, кој сега е преместен.

Во 2022 година, францускиот моден агент Жан-Лук Брунеел, близок соработник на Џефри Епстајн, беше пронајден мртов во својата ќелија во истиот затвор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни