Саркози објави книга „Дневник на еден затвореник“ за своето искуство во затвор

Поранешниот француски претседател Никола Саркози ја објави книгата „Дневник на еден затвореник“, во која го опишува својот три-неделен престој во затвор, животот во ќелијата, духовното будење и подготовките за промоција на книгата

Поранешниот француски претседател Никола Саркози ја напиша книгата за своето искуство во затвор, која ќе се појави во продажба во среда.

Првиот француски лидер од 1945 година кој завршил во затвор, во интервју за Figaro зборува за својот краток, три-неделен престој во парискиот затвор Ла Санте, опишувајќи го сето од сивилото и постојаната бучава, до утехата што ја пронашол во средбата со свештеник.

„Бев изненаден од отсуството на било каква боја. Сивата доминира насекаде, ги покрива сите површини“, вели Саркози. Тој додава дека ја пишувал книгата со пластична пенкало на мал дрвен стол во ќелија од само 12 квадратни метри.

„Во затвор не можете да видите ништо и не можете да направите ништо. Бучавата, за жал, е постојана. Но како во пустина, внатрешниот живот во затвор се засилува“, објаснува тој.

Неговата ќелија „не била ништо посебно“, но условите биле построги. Поради безбедносни причини бил сместен во изолирана единица, а вратата од ќелијата често била затворена.

Како поранешен претседател имал право на постојана полициска заштита, при што полицајците спиеле во соседната ќелија. Исхраната главно се состоела од „млечни производи, енергетски плочки, минерална вода, сок од јаболко и неколку слатки“.

Зошто решил да ја напише книгата?

На прашањето зошто решил да ја напише книгата, Саркози одговорил:
„Морав да одговорам на едно едноставно прашање: ‘Како завршив овде?’ Морав да размислам за овој чуден живот кој ме однесе низ толку екстремни ситуации.“

Тој ја завршил книгата неколку дена по пуштањето од затвор и прво ѝ ја покажал на сопругата, пејачката и поранешна манекенка Карла Бруни, која, како што вели, „била воодушевена“.

Потоа им ја испратил на своите адвокати, кои отстраниле одредени делови. Духовното будење што го доживеал во затворот има важна улога во дневникот. Пишува дека уште првиот ден, веднаш по пристигнувањето, клекнал и се молел.

„Тоа беше природно. Останав така неколку минути“, пишува Саркози, додавајќи дека се молел за сила да ја издржи оваа неправда.

Два дена подоцна го посетил затворскиот капелан, кого го ангажирал неговиот син Жан.

„Не би рекол дека со нетрпение го очекував тој состанок, но средба во текот на денот беше подобра од ништо… Дали тоа беше знакот што го чекав? Не знам, но ми помогна овој неделен ден поминат во очекувана осаменост да го проживеам со голем мир“, напишал тој, нагласувајќи дека уживал во разговорите со свештеникот за верата, папите и селските цркви.

Промоција и политички контекст

Книгата излегува во среда, а Саркози ќе започне промотивна турнеја во книжарница близу неговиот дом во Париз, а потоа ќе отпатува на југот на Франција, каде ќе одржи промоција во Ментон, на Азурниот брег, во друштво со синот Луј, кој се кандидира за градоначалник на претстојните избори.

Саркози и понатаму тврди дека е невин во врска со обвиненијата дека бил вклучен во план за добивање финансиска помош од убиениот либиски лидер Моамер Гадафи. Тој (70) во октомври беше осуден на пет години затвор поради улога во финансирањето на неговата претседателска кампања во 2007 година со пари од Либија. Дел од книгата веќе објавија Figaro и други француски медиуми.

Доколку апелациониот суд во март ја потврди пресудата, Саркози повторно може да биде испратен во затвор и тоа на подолг период.

На Саркози исто така му се заканува и второ судење поврзано со наводен обид да се сокрие случајот за финансирањето на кампањата преку притисок врз сведок француско-либанскиот бизнисмен Зијад Такиедин, кој во 2016 година тврдел дека носел торби полни со пари од Триполи во француското Министерство за внатрешни работи, но подоцна ја повлекол изјавата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни