Од 60 до над 500: Сардинија ја спаси популацијата на белоглави мршојадци

По работ на исчезнување во 2014, денес популацијата порасна за повеќе од 21% во однос на лани – проектите финансирани од ЕУ ја менуваат иднината на видот

Сардинија денес се смета за една од најуспешните приказни за заштита на природата во Италија, откако популацијата на евроазискиот белоглав мршојадец (griffon vulture) се искачи од само околу 60 единки во 2014 година на меѓу 516 и 566 птици во 2026 година.

На почетокот на 2010-тите, видот беше на работ на исчезнување. Популацијата нагло опаѓаше поради индиректно труење – птиците внесувале пестициди, хемикалии и олово преку животни со кои се хранеле, особено диви свињи убиени од ловци. И покрај тоа што не претставуваат закана за луѓето или добитокот, мршојадците биле и директно отстранувани.

Нивното исчезнување ќе имало сериозни последици за екосистемот на островот, бидејќи белоглавите мршојадци имаат клучна улога во „чистењето“ на природата од трупови, спречувајќи ширење на опасни бактерии и заразни болести.

Од проект до пресврт

Во периодот од 2015 до 2020 година, со поддршка од Европската комисија, започна проектот „Life Under Griffon Wings“, фокусиран на подрачјето околу Боса на западниот брег. Целта беше зголемување на достапноста на храна, намалување на нарушувањата во гнездечките зони и подигнување на јавната свест.

Во 2021 година започна и втор проект – „Life Safe for Vultures“, со буџет од над 3 милиони евра и партнерство со Универзитетот во Сасари, Агенцијата Форестас, Сардинскиот шумарски корпус и Фондацијата за заштита на мршојадци. Проектот ќе трае до крајот на 2026 година.

Меѓу клучните мерки се: поставување специјални хранилишта (т.н. „карнаи“) за обезбедување безбеден и редовен извор на храна; подобрување на безбедноста на електричните водови за да се спречи струен удар; како и едукација на ловците за користење муниција без олово со цел намалување на труењето.

Враќање на видот низ островот

Една од најважните активности е реинтродукцијата на млади единки, дел од нив донесени од спасувачки центри во Шпанија, во делови од Сардинија каде видот со децении бил отсутен. Последните 15 птици пристигнале од Барселона во јануари и моментално се прилагодуваат во авијар, пред планираното пуштање во дивина подоцна годинава.

Целта не е само зголемување на бројноста, туку и проширување на распространетоста низ целиот остров.

Според најновиот попис, популацијата пораснала за 21% во однос на 2024 година. Иако околу 60% од единките сè уште живеат во областа Боса, колонии се развиваат и во централна и јужна Сардинија.

Во 2025 година биле регистрирани 120 територијални парови во северозападниот дел на островот – единственото размножувачко подрачје – што претставува зголемување од 14,3% во однос на претходната година. Бројот на младенчиња што успешно излетале од гнездата е зголемен за 15,5%.

Истражувачите бележат и успешно формирање парови меѓу повторно внесените единки и автохтоните сардински птици – уште еден показател дека видот се стабилизира.

Крајната цел, според Агенцијата Форестас, е амбициозна: повторно поврзување на северните популации со нови гнездечки локации во јужна Сардинија и целосна ревитализација на видот на островот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни