„Сараево Сафари“: Обвинителството во Милано ја проширува истрагата за платени убиства врз цивили

Италијански државјани и богати странци учествувале во „ловечки викенди“ за време на опсадата на Сараево.
Маж ја оплакува својата мајка, Васвија, која била убиена од снајперист, на гробиштата на стадионот Кошево,
Photo: Yannis Behrakis, Reuters

Обвинителството во Милано официјално ја проширува истрагата за т.н. „Сараево Сафари“ – шема во која странци, меѓу нив и Италијанци, наводно плаќале за да пукаат врз цивили за време на опсадата на Сараево (1992–1996). Истрагата е отворена по пријава на новинарот Ецио Гавацени, под сомневање за повеќекратно убиство со особена суровост.

Клучно сведоштво пристигна од босанската новинарка Менсура Буриџ, која за Fanpage.it изјави дека странци патувале преку Милано и Трст, па со авиони на „Авиогенекс“ и хеликоптери биле префрлувани на српските позиции околу Сараево. Според неа, „ловот на луѓе“ прво бил локален феномен, а потоа станал организирана пракса со учество на посетители од Грција, Русија, Германија, Англија и други земји.

Сведоштвата опишуваат морничав „ценовник“ – повисок надомест за пукање врз деца, намерно ранување со првиот истрел, па ликвидација на лицата кои се обидуваат да помогнат. Тврдењата за логистичка поддршка од српските тајни служби дополнително го усложнуваат случајот. Поранешни разузнавачки извори на Армијата на Босна и Херцеговина наведуваат дека во организацијата бил вклучен КОС, а во одредени фази и БИА, со поддршка од локалните команданти. Според истите извори, сведоците сè уште се под притисок и заплашување, поради што многумина одбиваат да зборуваат јавно. Се наведува дури и случај со пилот на хеликоптер кој се откажал од снимање во документарец по наводни закани од разузнавачки структури.

Иако за „сафари на луѓе“ се зборуваше уште во 1990-тите, истрагите никогаш не отидоа доволно далеку. Градоначалничката на Сараево, Бењамина Кариќ, во 2022 година поднесе пријава до Обвинителството на БиХ по објавувањето на филмот „Сараево Сафари“, но истрагата не доби конкретен правен епилог. Затоа сега, по три децении од завршувањето на војната, проширената истрага во Милано се смета за првиот сериозен обид да се идентификуваат и санкционираат италијанските државјани кои можеби учествувале во овој злосторнички чин.

Проширената истрага на Милано сега се смета за првиот сериозен европски обид по 30 години молчење да се откријат имињата на странските државјани кои учествувале во овие злосторства.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни