Колку вреди едно „те сакам“? Сара Мејс со нова музичка исповед

Во режија на Дениз Абдула, Сара Мејс и Стефан Николовски преку симболична „борба со брашно“ ја преиспитуваат вредноста на зборовите „те сакам“

Македонската пејачка и авторка Сара Мејс го објави видео записот за новата песна „Не ме сакаш“, со кој отвора директна и безкомпромисна тема – дали љубовта денес е чувство или само фраза што лесно се изговара.

Во спотот, под режисерската палка на Дениз Абдула, Сара Мејс заедно со актерот Стефан Николовски влегува во симболична и визуелно впечатлива „борба“ која ја разобличува леснотијата со која се користи изразот „те сакам“.

Преку заразен танцов ритам и уметничката приказна со „магичното брашно“, спотот ја претставува љубовта како нешто што не може да се сведе на клик, статус или навика. Поставува прашања што ретко гласно се изговараат: Дали зборовите имаат тежина ако зад нив не стои искреност? Колку вредат 1001 „те сакам“ ако не постои автентична емоција?

Визуелната динамика меѓу Мејс и Николовски ја доловува женската перспектива – дека љубовта не е трансакција, туку процес кој бара присутност, борба и вистинска посветеност. Спотот ја претставува емоцијата како судир меѓу очекувањата и реалноста, меѓу клишеата и вистината.

Музиката и текстот за „Не ме сакаш“ се авторско дело на Сара Мејс, додека аранжманот го потпишува Роберт Билбилов. Директор на фотографија е Димитар Атанасоски, а монтажата ја реализира Дејан Трпчевски.

Со „Не ме сакаш“, Сара Мејс избира да не биде комфорна, туку искрена. Наместо романтизирање, таа нуди огледало – љубовта не се мери по бројот на изговорени зборови, туку по тежината што ја носат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни