Серијата „And just like that“ нема да добие четврта сезона, потврдија од продукцијата, а финалните две епизоди од третата сезона ќе бидат емитувани на 14 август. Веста доаѓа по неколку месеци шпекулации, а Паркер ја потврди со емотивна објава на својот Instagram профил, каде се збогува со ликот што ѝ го одбележа животот и кариерата.
Во својата порака, Сара Џесика Паркер ја опиша Кери како жена што низ годините минала низ улици, авении и емотивни рубикони. Таа сакаше, страдаше, победуваше и паѓаше. Го живееше животот низ високи потпетици и тастатура, со љубов кон градот што никогаш не го напушти – Њујорк. „Таа се посвети на шеширите, книгите, чевлите, пријателите и ветувањето за нов ден“, напиша Паркер, додавајќи дека Кери за неа била многу повеќе од лик.
Актерката искрено призна дека Кери понекогаш ја фрустрирала, но истовремено ѝ била најблиска и најинспиративна. „Мислам дека ја сакав најмногу од сите ликови што сум ги играла. Знам дека и други ја сакаа исто толку. Таа беше симфонија од емоции“, изјави Паркер во објавата.
„Секс и град“ се емитуваше од 1998 до 2004 година на HBO, а Кери Бредшо стана симбол на еманципацијата, градскиот живот, модата и модерните врски. Паркер четири пати беше номинирана за Еми награда, а нејзиниот стил и храбра емоционална искреност останаа влијателни во поп-културата и по завршувањето на оригиналната серија.
Со враќањето на ликовите преку „And just like that“, обожавателите имаа можност повторно да го следат животот на Кери, Шарлот и Миранда, но без Саманта, која не беше дел од спин-офот. Сепак, чувството на блискост, духот на градот и емоционалната комплексност останаа во фокусот.
Збогувањето на Паркер го означува крајот на една телевизиска ера. Публиката што порасна со Кери Бредшо сега ѝ се збогува како со стара пријателка. Многумина ќе ги паметат нејзините прашања напишани на лаптоп, љубовните дилеми, модните експерименти и вечната романса со Њујорк.
„Кери Бредшо доминираше со моето професионално срце цели 27 години“, напиша Паркер. „Љубовта кон неа ми е најискрена. Ви благодарам на сите што ја сакавте заедно со мене. Се надевам дека ќе ги сакате последните две епизоди исто колку што и ние ги сакаме“, заврши таа.
Сега, со завршувањето на серијата, фановите се подготвуваат да се простат од една од најзначајните телевизиски икони на модерното доба.