Удар врз руската економија: нема кој да ѝ ја купи нафтата!

По воведувањето санкции против „Роснефт“ и „Лукоил“, неколку од најголемите купувачи на руска нафта ги прекинаа новите нарачки, што предизвика пад на цените и страв од сериозни последици за руските приходи.

Руската економија се соочува со нов сериозен удар, откако неколку од нејзините најголеми купувачи на нафта – меѓу кои и Индија – одлучија да ги прекинат новите нарачки на сурова нафта од Русија. Одлуката доаѓа по новиот пакет санкции на САД против најголемите руски нафтени компании „Роснефт“ и „Лукоил“, што предизвика загриженост кај азиските партнери поради ризик од секундарни санкции, јавува Meta.mk, повикувајќи се на Reuters.

Цените на нафтата паднаа за околу 2%, што е трет ден по ред на намалување, бидејќи инвеститорите го разгледуваат влијанието на американските санкции и можниот план на ОПЕК+ за зголемување на производството. Фјучерсите на Брент се намалија на 64,40 долари за барел, додека на Западен Тексас достигнаа 60,15 долари.

Во првите девет месеци од 2025 година, Индија увезувала околу 1,9 милиони барели дневно руска сурова нафта, што претставува речиси 40% од вкупниот извоз на Русија. Според аналитичарите, ваквиот потег претставува драматичен пресврт што може да ги намали приходите на Москва за повеќе од една третина доколку и Кина го следи примерот.

Главните причини за прекинот се зголемените ризици при плаќањата преку санкционирани банки, проблеми со осигурување и транспорт на танкерите, како и неизвесност околу идните договори со Русија.

Кремљ реагираше со изјава дека „Русија останува конкурентен добавувач на енергенси и ќе продолжи да ја нуди својата сурова нафта по атрактивни цени“, но експертите предупредуваат дека глобалниот пазар веќе ја чувствува поместената рамнотежа на енергетските текови.

Во меѓувреме, ОПЕК+ размислува за ново, умерено зголемување на производството во декември, по повеќегодишното ограничување на понудата за стабилизација на цените. Според извори на Reuters, земјите-членки се обидуваат да одржат рамнотежа меѓу интересите на Блискиот Исток и Русија, во услови на растечка геополитичка неизвесност.

Извор: Meta.mk

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни