Санчез: Светот плаќа за акциите на САД и Израел – „Секоја бомба удира по џебот“

Шпанскиот премиер Педро Санчез предупреди дека глобалната економија трпи огромни последици од војната, со загуби од 100 милијарди евра за шпанските компании.

Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, изјави дека е неправедно граѓаните ширум светот да ја плаќаат цената на, како што рече, незаконските акции на Соединетите Американски Држави и Израел против Иран.

Тој предупреди дека војната предизвикува сериозна економска штета на глобално ниво и дека само шпанските компании изгубиле околу 100 милијарди евра за помалку од еден месец.

„Секоја бомба што паѓа на Блискиот Исток директно удира по џебот на нашите семејства“, изјави Санчез пред пратениците во шпанскиот парламент, објаснувајќи зошто неговата влада цврсто се спротивставува на војната, пренесува агенцијата Ројтерс.

Според него, загубата од 100 милијарди евра го вклучува и падот на вкупната пазарна капитализација на шпанскиот берзански индекс ИБЕКС 35 од почетокот на конфликтот на 28 февруари.

Мерки за ублажување на последиците

Се очекува парламентот да гласа за пакет мерки предложени од владата со цел да им се помогне на граѓаните да ги надминат економските последици.

Меѓу мерките се: намалување на даноците за гориво, намалување на цената на електричната енергија и субвенции за секторите најпогодени од растот на цените

Остра критика кон Израел

Санчез, кој е еден од најгласните европски поддржувачи на палестинските територии, предупреди дека Израел се обидува да му нанесе на Либан исто ниво на разорување како во Појасот Газа.

Тој го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека има намера да го прошири конфликтот.

„Не е фер некој да го запали светот, а ние останатите да мораме да го голтаме пепелот“, порача Санчез.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни