Санчез остро го нападна Нетанјаху: „Непочитувањето на животот и меѓународното право е неподносливо“

Премиерот на Шпанија Педро Санчез го обвини Бенјамин Нетанјаху за кршење на меѓународното право по нападите врз Либан и побара реакција од Европската Унија.

Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, остро го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, обвинувајќи го за „непочитување на животот и меѓународното право“ по најновиот бран напади врз Либан. Во објава на социјалните мрежи, Санчез посочи дека Израел го извршил „најжестокиот напад од почетокот на офанзивата“, при што, според достапните информации, загинале над 200 лица, а повеќе од 1.000 се ранети.

„Неговиот презир кон животот и меѓународното право е неподнослив“, порача Санчез, додавајќи дека е време јасно да се каже дека Либан мора да биде вклучен во договорот за примирје. Тој повика меѓународната заедница да го осуди, како што го нарече, новото кршење на меѓународното право, а од Европската Унија побара да го суспендира Договорот за асоцијација со Израел.

Овој договор, потпишан во јуни 2000 година, претставува основа за трговските и политичките односи меѓу Европската Унија и Израел, овозможувајќи рамка за економска соработка и политички дијалог.

Санчез нагласи дека не смее да има неказнивост за ваквите дејствија, потенцирајќи дека актуелните случувања дополнително ја продлабочуваат кризата на Блискиот Исток и го доведуваат во прашање опстанокот на кревкото примирје во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни