Самостојната изложба на ликовниот уметник од Република Хрватска, Данко Фришчиќ

На 12 декември 2024, во објект Мала станица при Националната Галерија на Македонија, во 20 часот ќе се отвори самостојната изложба на ликовниот уметник и професор од Република Хрватска, Данко Фришчиќ. Проектот е финансиски  подржан од Министерството за култура и туризам на Република С. Македонија во овогодинешниот конкурс за национални установи.

”СЛИКОИДИ –МЕТАЛАГАЛАКТИК ” е наслов на изложбата на која Данко Фришчиќ ќе се претстави со четиринаесет слики изработени  во техника масло на платно, создадени  во 2024 г.

Хрватскиот уметник и професор Данко Фришчиќ за прв пат изложува во Националната галерија на Македонија, што за мене како куратор беше предизвик да ја поставам неговата изложба и да ја оживеам во изложбениот простор. Ги обединува уметничките граници на Хрватска и Македонија, со што се продлабочува веќе воспоставената соработка меѓу двете земји.

Искреноста, посветеноста, откритијата во звучните сцени кои авторот ни ги изразува преку неговите ткаенини, водат кон космичка фантазија и нежна иронија со дополнителен забавен карактер. Изложени се слики од циклусот „SLYX“ со кои тој, преку својот уметнички јазик нè информира за своите визионерски и колористички претстави во специфичен авангарден експресионистички стил.

Во сликите се издвојува експресивна линија, со динамични контрасти и акцент на естетиката на гротеската. Тие се фундаментални карактеристики во сликарството на Фришчиќ. Преплетот на деталите дава аура на тонско богатство, создавајќи нестабилност и хаос и ја доведува темата во надреална композиција. Пред нас имаме мајстор на фантазијата и фигурацијата, кој со својот карактеристичен стил нè води до вистинската реалност која всушност и пристапува целосно ослободена од контрола или од некоја причина за постоење.

Уметничкото дело изразува халуцинаторна визија и впечаток дека влегуваме во играта на асоцијации, а од друга страна не поврзува со нормалната состојба на умот. Со своето движење, Фришчиќ ги надминува традиционалните форми, истражувајќи нови начини за изразување на содржината и отелотворувајќи ја неочекуваната средба со различни елементи, кои се негова инспирација за различни асоцијации. Тој е склон кон разнобојни огномети, а неговата шема на визуелно сликарство се постигнува со артикулирање на ритам, со одредено емотивно чувство за самосвесно баран ефект.

Инаку, Данко Фришчиќ потекнува од истакнато уметничко семејство. Неговиот татко е познатиот уметник Иво Фришчиќ од кого Националната галерија на Македонија има дело во својата богата колекција. Двајцата се двојно поврзани – и преку директна крвна линија и преку уметноста како нивна професија. Како што би рекол Данко во едно интервју, на прашањето за односот со татко му: „Брзината на нашата сличност и во исто време нашата разлика“.

Работи како редовен професор на Ликовната академија во Загреб, каде и дипломирал 1997 г., а од 2019 г.до 2023 г. бил продекан за настава за меѓународна соработка. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Хрватска, и има реализирано над седумдесет самостојни изложби и над двесте групни изложби низ светот и Република Хрватска.

Кустос на изложбата е Маја Крстевска и истата ќе трае до 26 декември 2024.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни