На 18. септември во 18:00 часот ќе биде отворена самостојна изложба на Џем A. Изложбата ќе се отвори со „Крит клуб“ перформанс во 18:30. Куратори се Јованка Попова и Никола Узуновски
„Крит клуб“ е перформанс на Џем A. во кој две екипи дебатираат на некое нереалистично прашање поврзано соуметноста. Во средина каде несогласувањето често може да е ризично, „Крит клуб“ создава простор за критичка игра.
Наместо молк или повторување пофалби, учесниците се охрабруваат да не се согласат – перформативно, како игра на улоги, како мисловен експеримент. Секоја дебата започнува со прашање што делува невозможно за одговор. Едната страна аргументира „за“, другата „против“, сè до моментот кога улогите се заменуваат. Перформансот се развива, а говорниците се снаоѓаат во сè поневозможно сценарио.
„Има ли уметност без публика?“ е прашањето на кое ќе дебатираат Искра Гешоска, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ и Кристина Леловац, со учество на претставници од Федерацијата за пеливанско борење на РСМ. Дебатата ќе ја модерира Артан Садику.
Перформансот е дел од самостојната изложба на Џем A. Во МСУ – Скопје насловена „Музеј отворен до понатамошно известување“.
Настанот е финансиски поддржан од Фондацијата Саха и Министерството за култура и туризам на РС Македонија. Пријател на МСУ-Скопје: Еуролинк, Тиквеш
„Музеј отворен до понатамошно известување“
Што значи кога ќе прочитаме на вратата на музејот: „отворено до понатамошно известување“? Дали тоа е административна белешка за работното време или, можеби, предлог музејот да се замисли како отворен, процес што никогаш целосно не е завршен?
Токму од оваа двосмисленост тргнува Џем A. во својата прва самостојна изложба во регионот. Под насловот „Музеј отворен до понатамошно известување“, тој го разгледува музејот како институција што истовремено сака да биде достапна, инклузивна и современа, но и како место обременето со хиерархии, правила, и ограничувања.
Џем A. си поигрува со клишеата, административните изговори, бирократијата, националистички политики, структурни притисоци што ја одредуваат музејската работа. Насловот на изложбата алудира на несигурноста што ги обликуваа современите институции. „Отворено до понатамошно известување“ е административна фраза, а воедно и политичка метафора, сигнал за условеност, непостојаност и зависност од динамиката на социо-економските превирања.
Изложбата „Музеј отворен до понатамошно известување“ не се занимава само со музејот како институција, туку како жив организам кој расте или стагнира зависен од културата, односите на моќ и општествена динамика. Уметникот прашува: кога велиме дека музејот е „отворен“, дали мислиме дека е физички достапен, дали е навистина инклузивен, или тоа е само формален декларативен гест кој прикрива структури на исклучување?
Џем A. ја гради својата практика на пресекот меѓу дигиталната култура и институционалниот простор. Тој ја преместува институционалната критика од елитистичкиот јазик на теоријата, кон популарната, секојдневна комуникација, таму каде што критичката мисла може да е вистински ефективна. Неговите дела (графички знаци, кратки текстови, реди мејд дела и инсталации) го користат мемето како пристапен и демократски медиум, форма што разбирлива, лесна за споделување и субверзивна.
Мемето претставува облик на „децентрализирана креативност“, она што не зависи од авторитетот на институциите или елитните канали на уметничка продукција, туку се потпира на хоризонтална мрежа на споделување и репродукција. Неговата политичка сила е во можноста за постојана циркулација, повторување и пренамена, со што ја еродира моќта на институционалното авторство.
Додека традиционалните музеи често ја репродуцираат вертикалната хиерархија помеѓу уметноста и публиката, мемето функционира како „контра-јазик“, достапен, неформален и суштински политички. Изложбата го користи овој потенцијал за да ја реосмисли институцијата не единствено како чувар на културно наследство или автономна уметничка вредност, туку како поле каде што децентрализираната, не-елитна и секојдневна креативност станува дел од пошироката политичка имагинација.
За Џем A. мемето не е само алатка за хумор или интернет – гест, туку културна практика што ја отвора можноста критиката да биде споделена и разбрана надвор од границите на „високата“ култура. Тоа е сретство за интервенција во сферата на културната продукција, и метод за колективно препознавање на состојбите во кои сите учествуваме: едноставна реченица, слика или комбинација на текст и ситуации на апсурд, што го отвора прашањето за тоа кој има пристап до уметноста и како таа комуницира со својата публика.
Она што изгледа како шега е начин да се проговори за сериозни прашања: за складиштата полни со уметнички дела што никогаш не се гледаат, за дистанцата меѓу уметноста и заедницата, за бирократските правила што понекогаш го прават музејот недостапен наместо отворен.
Уметникот го третира музејот како „контра-екран“: место каде дигиталните микронаративи на отпор и иронија се преведуваат во физички простор и добиваат институционална видливост.
Во таа смисла, „Музеј отворен до понатамошно известување“ го артикулира музејот како политички субјект кој мора да преговара помеѓу својата институционална ригидност и денешната потреба од отвореност, етичност и општествена релевантност.
„Музеј отворен до понатамошно известување“ не е само наслов, туку и отворено прашање: што значи музејот денес, дали музејот денес е навистина отворен, и за кого? како може да остане значаен простор на вклучување и дијалог – не до следно известување, туку заеднички и континуирано?