Отвори апликација, прелиста неколку стории, одговори на две пораки и погледна едно видео со мачки. Часот беше 07:21, а мозокот ѝ беше веќе преплавен со информации, слики и туѓи мислења.
Но, што ако тоа е причината зошто секој ден ѝ почнува со некакво внатрешно напрегање?
Според д-р Венди Сузуки, невронаучничка од Универзитетот во Њујорк, тоа не е само чувство – туку вистински биолошки одговор на нашите утрински навики. Во едно видео што стана вирално, таа објаснува дека мозокот веднаш по будење влегува во својот најмоќен режим – оној на неуропластичност, кога најдобро учиме, апсорбираме и се прилагодуваме. Допаминот и кортизолот – хормоните на мотивација и енергија – се на својот врв.
И токму тогаш, со првиот поглед во телефонот, го трошиме тој потенцијал.
„Мозокот ти ја дава најдобрата можност за фокус, а ти му фрлаш еден ТикТок“, вели таа низ шега, но зад неа стои сериозна поента.
Ивана не знаела сето тоа. Ни дека истражување во Саудиска Арабија открило дека оние што користат телефон 30 минути пред спиење имаат двојно поголем ризик од лош сон. Ни дека тие што го прават тоа 45 минути – ризикот им е тројно зголемен. А таа, секоја вечер, заспива со телефонот во рака, често со екран што ѝ свети в лице.
„Само уште едно видео…“, си вели. И следното утро пак се буди уморна, расеана, некако исцедена пред денот дури и да почне.
Се до еден ден, кога прочита една препорака:
„Пробај 5 дена по ред да не го користиш телефонот првите 20 минути по будење. Наместо тоа, истегни се, диши, напиши 3 работи на кои сакаш да се фокусираш, или едноставно – седи со своите мисли.“
Одлучи да проба. Телефонот го остави на другиот крај од собата. Наместо да скролува, се истегна. Си направи чај. Напиша во тефтерот: „Денес сакам да бидам присутна.“
Не беше некое чудо. Но, денот некако течеше помирно. И мислите ѝ беа појасни.
Сонот ѝ беше подлабок. А телефонот? И понатаму беше тука – но повеќе не беше првото и последното нешто што ѝ го обликува денот.
Понекогаш, најголемата промена започнува со најмалата навика.
И со одлуката – да си го вратиш утрото назад.
Извор: N1info.rs