Маж од непознати причини отворил оган од прозорецот на својот стан, пукајќи до 50 куршуми од пушка калибар .30. Инцидентот предизвикал вистински шок, но, како што рече австралиската полиција – „неверојатно е што никој не загина“.
Полицијата брзо реагирала и успеала да го уапси напаѓачот пред ситуацијата да ескалира уште повеќе. Вршителот на должност на надзорникот, Стивен Пери, изјави на прес-конференција дека осомничениот нема никакви врски со тероризам или организиран криминал, што дополнително го прави инцидентот збунувачки.
„Сè уште не знаеме што го поттикнало да отвори оган. Нема досие поврзано со ментално здравје. Беше медицински проценет и прогласен за способен за враќање во притвор“, изјави Пери.
Две лица се хоспитализирани, од кои едното било итно оперирано. Сè уште не е јасно дали во оваа бројка е вклучен и напаѓачот. Дополнително, 14 лица биле згрижени на лице место поради шок или полесни повреди, изјави портпарол од службата за итна помош во Нов Јужен Велс.
Австралиската полиција категорично отфрли можност за терористички или верски мотиви. Осомничениот во изминатите 20 години имал многу малку контакти со полицијата, што дополнително го прави инцидентот неочекуван.
За жителите на Кројдон Парк ова беше ден кој можел да се претвори во трагедија. Местото каде што децата си играат на улица и соседите си пијат кафе на тераса, за миг се претвори во зона на опасност.
„Неверојатно е, навистина. Куршумите летаа на сите страни. Не знам како никој не загина“, рече еден од очевидците за локалната телевизија.
Истражната постапка продолжува, а Австралија – барем за овој пат – успеа да избегне уште една трагедија каква што светот премногу често гледа во последно време.
Извор: Index.hr