Само 15 инспектори за животна средина на ниво на цела држава

Во време кога Македонија редовно се наоѓа на врвот на светските листи за загаденост, земјата се соочува со сериозен недостиг од инспектори за животна средина. Генералниот инспектор за животна средина, Дарко Блинков, во интервју за нашиот портал, открива алармантни податоци за состојбата во инспекциските служби и предизвиците со кои тие се соочуваат.

Меѓу другото Блинков посочи дека градот што се наоѓа покрај РЕК Битола – најголемиот загадувач во државата, останува без државен инспектор за животна средина. Единствениот инспектор што ја покриваше оваа област заминува во пензија следниот месец, а нов кадар нема.

„Во 2024 година, се обидовме да вработиме нови инспектори, но Министерството за финансии не го одобри барањето“, вели Блинков. „Годинава одобрени се два милиони денари за нови вработувања“. потенцира тој


Ако истовремено се случи хаварија на две различни локации во Македонија, вонреден надзор е речиси невозможен. Причината? За квалитетен надзор потребни се најмалку пет до шест часа, а инспекторите на располагање се премалку – само 15 за цела земја!

Казните за загадувачите – доволни или само симболични?
Во борбата против загадувањето, санкциите за правните субјекти и трговците загадувачи се движат од 200 до 240.000 евра, додека физичките лица можат да бидат казнети со 25 до 100 евра.

„Од неодамна е воведен и терминот ЕКОЦИД, кој предвидува затворски казни од 1 до 10 години за загадувачите“, истакнува Блинков.

Што прават општините?
Иако секоја општина е законски обврзана да има акциски план за справување со загадениот воздух, во реалноста само 4-5 општини навистина имаат таков план. Дополнително, само 45% од општините имаат назначено инспектори за животна средина, што значи дека повеќе од половина од земјата е без никаква инспекциска контрола!

Во меѓувреме, додека институциите се препукуваат за тоа кој е надлежен, граѓаните на Скопје, Струмица и други градови продолжуваат да маршираат за право на чист воздух. „Човекот е најголемиот загадувач!“ – предупредува Блинков.

Дали владата навистина се грижи за животната средина или оваа тема е само политички маркетинг?

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни