Сакате работа во Хрватска? Без положен хрватски, нема продолжување на дозволата

Планирате подолгорочно да работите во Хрватска? Нови законски измени носат обврска за учење и полагање хрватски јазик за странските работници. Еве што точно се менува.

Ако планирате да работите во Хрватска подолго од една сезона, ќе мора да сметате на нов услов што суштински ја менува досегашната пракса „дојди – работи – продолжи“. Хрватската влада на 5 февруари 2026 година испрати во саборска процедура измени на Законот за странци, со кои се воведува задолжително учење и полагање испит по хрватски јазик како услов за продолжување на дозволата за престој и работа за државјани на трети земји.

Според предложените измени, по една година престој странските работници ќе треба да положат испит по хрватски јазик на ниво A1.1 – основно почетно ниво, доволно за едноставна секојдневна комуникација. Иако станува збор за минимален јазичен праг, ова е првпат јазикот формално да се воведе како услов за продолжување на престојот.

Од Владата појаснуваат дека целта на мерката е подобра интеграција на странските работници, поголема безбедност на работното место и појасна комуникација меѓу работниците, работодавачите и институциите, особено во сектори каде јазичната бариера досега создаваше реални проблеми.

Полесна промена на работодавач, но построги правила

Пакетот законски измени не се однесува само на јазикот. Предвидена е и полесна промена на работодавач – странски работник ќе може да го смени работодавачот по шест месеци без да вади нова дозвола. Дополнително, се проширува можноста за промена на занимање кај истиот работодавач, со задолжителен тест на пазарот на труд.

Истовремено, роковите за решавање на барањата за дозволи се продолжуваат до 90 дена, а се зголемува и толеранцијата за период на невработеност додека дозволата е важечка, со цел да се намали ризикот работниците да останат без регулиран статус поради прекин на договор.

Работодавачите под лупа

Новите измени носат и построги санкции за работодавачите. Се најавува воведување „црна листа“ за компании што ги кршат правилата, со привремена забрана за вработување странци. Обврската за пријавување на прекин на работен однос се префрла на работодавачот, што формално треба да значи поголема заштита за работниците.

Што значи ова за работниците од Македонија?

За граѓаните од Македонија кои работат или планираат да работат во Хрватска, клучни ќе бидат практичните детали што допрва ќе се дефинираат:
кој ќе ги организира јазичните курсеви, колку ќе чинат, дали трошокот ќе падне на товар на работодавачот или работникот и како точно ќе изгледа испитот.

Важно е и да се нагласи дека измените не стапуваат на сила веднаш, туку по нивното усвојување и официјална примена. Сепак, пораката е јасна – во иднина, продолжувањето на дозволата за работа во Хрватска ќе биде врзано не само за договор и придонеси, туку и за минимална јазична компетенција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни