Aна Тасева, добитничка на наградата за најдобар дизајн за постер за органодонорство

Сакам да креирам нешто свежо, оригинално и различно

Ана Тасева е млада пасионирана графичка дизајнерка посветена на креативниот дизајн. Таа е ко основач на Moxie Digital Studio и добитничка на најдобро идејно решение за постер за органодонорство, организиран преку проектот на Делегацијата на Европската унија и Министерството за здравство. Со нејзините дизајни, Ана се оддалечува од стереотипите и конвенционалните норми. Истражува нови патишта на креативно изразување и иновација на идеите. Верува во длабинското анализирање и истражување во суштината на секој проект, задлабочувајќи се во  темата од сите агли. Таа креира дизајни кои оставаат впечаток и визуелно и концептуално. За Трн зборува за својата работа инспирирана од дизајните на Beto Val’s, Lin Shaobin, Wolfgang Weingart, Armin Hofman и El Lissitzky

Tрн: Освоивте прва награда за најдобро решение за постер на повикот за идејни решенија за органодонорство и трансплантација. Каков е предизвикот да се работи на една ваква тема?

Ана: Да се добие награда за најдобар дизајн на постер на една ваква важна тема, за мене претставува огромна чест. Предизвикот од самиот старт беше огромен, бидејќи поради сериозноста на темата морав на секој аспект од дизајнот да му пристапам со чувство и внимателност, меѓутоа низ текот на работата се јавува и неверојатно задоволство од помислата дека дизајнот има потенцијал да направи значително влијание и да инспирира некого. Еден од главните предизвици е да се најде баланс помеѓу креирање и пренесување на силна порака, согласно темата, а од друга страна истата порака да биде читлива, јасна, креативно пренесена, со цел да се предизвика потребното емоционално чувство, чувство на почит и контемплација

Tрн: Што ве водеше во креирањето на постерот? Од каде дојде идеата за ова решение?

Ана: Во креирањето на постерот ме водеше чинот на органодарувањето како еден извонреден доказ за меѓусебната поврзаност на луѓето и како преку чинот на давање и примање поединците стануваат дел од една поголема таписерија на животот – таписерија исткаена заедно со нишките на емпатија, сочувство и алтруизам. Така и се роди идеата за ова решение, да ги опфати овие безвременски концепти и преку минималистичкиот пристап кон дизајнот да се долови едноставноста и чистотата на човековиот дух кога станува збор за дела на љубезност и великодушност.

Победничкиот дизајн на Ана Тасева

Tрн: Одевте со една различна и смела идеа. Излеговте од стеретиопот на црвената боја и срцето и донесовте решение кое според жирито остави силен впечок и со дизајнот и со пораката…Оut of the box размислувањто и идеите се ваш стил на работа секогаш?

Ана: Секогаш гледам да се оддалечам од стереотипите и конвенционалните норми, со размислување Out of the box. Тоа ми овозможува да истражам нови патишта на креативно изразување и иновација на идеите. Цврсто верувам во длабинското анализирање и истражување во суштината на секој проект, задлабочувајќи се во  темата од сите агли. Во исто време, ги разгледувам делата на други дизајнери, набљудувајќи ги нивните пристапи кон исти или слични теми. Сепак, мојата крајна цел не е да реплицирам постоечки идеи, туку да ги синтетизирам со својата уникатна визија, креирајќи нешто свежо, оригинално и различно. Тоа ми овозможува да креирам дизајни кои оставаат впечаток и визуелно и концептуално.

Tрн: Како ви се допаднаа останатите решенија кои ги видовте?

Ана: Ми се допадна разновидноста на дизајните, и како сите дизајнери имаа различен пристап на пренесување  моќна порака. Беше навистина инспиративно да се биде сведок на колективниот напор, кој има за цел да ја подигне свеста за една ваква важна кауза преку моќта на дизајнот.

Tрн: Колку за еден млад дизајнер се интересни и значајни повиците како овој?

Aна: Повици од ваков тип се многу значајни за еден млад дизајнер. Со учествување на повици од ваков тип тие се фокусираат на значајни теми и си задаваат креативен предизвик, а со тоа ги зајакнуваат своите вештини.  

Tрн: Кажете ни нешто повеќе за вашата работа, за вашите дизајни и проекти. Кои ви се омилени проекти и зошто?

Ана: Сметам дека работата како графички дизајнер е една од најинтересните работи на светот. Во креативниот процес, се чини дека времето изминува за секунда.

Како freelancer и ко-основач на Moxie Digital Studio, имав привилегија да работам на многу различни проекти. Секој проект има своја уникатност, тежина и е убав на свој начин. Огромна радост претставува кога еден проект ќе оживее и остави впечаток, тоа е она што го прави секој проект посебен на свој начин. Навистина ми е тешко да го изберам омилениот но како проект што се истакнува е еден од моите први предлог – проекти. Станува збор за package редизајн на веќе постоечки продукт. Се одлучив да направам редизајн на слатко од зелени смокви на брендот ДИ – ЕМ. Особено драг проект  ми е поради начинот на кој е илустриран, дизајнот ја пренесува целата приказна за традицијата и поднебјето од каде што потекнува слаткото, преку една прекрасна дигитална илустрација која ја пренесов на пакувањето, во боите на самиот плод, додека пак на маргините на дизајнот минимално се појавува традиционалниот македонски вез, типичен за тој реон.

Tрн: Ако зборуваме за македонски дизајн и креативци, има ли некој чија работа посебно ви се допаѓа?

Aна: Неможам да одвојам поединец чија работа особено ми се допаѓа, но забележувам дека се повеќе и повеќе има млади дизајнери и креативци кои покажуваат извонредна работа на полето дизајн и спремни се да ги поместат границите на креативноста.

Tрн: Од светски рамки? Чии дизајни ви се инспирација?

Aна: Секојдневно на Behance и Dribble платформите за дизајн пронаоѓам некој нов дизајнер кој има инспиративни дизајни, но би сакала од омиленте дизајни периодов да ги издвојам дизајните на Beto Val’s и Lin Shaobin. Како all time favourite дизајнери дефинитивно ми се Wolfgang Weingart, Armin Hofman и El Lissitzky

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни